Без договор по прашањето со Сирија во Виена
Состанокот на кој учествуваа министри за надворешни работи на 17 земји меѓу кои беа и САД, Русија, Турција, Саудиска Арабија и Иран траеше приближно 8 часа

Завршија меѓународните разговори во главниот град на Австрија Виена кои беа одржани на иницијатива на САД и Русија, а со цел изнаоѓање решение за граѓанската војна во Сирија.
Состанокот на кој учествуваа министри за надворешни работи на 17 земји меѓу кои беа и САД, Русија, Турција, Саудиска Арабија и Иран траеше приближно 8 часа.
Турција на состанокот ја претставуваше министерот за надворешни работи Феридун Синирлиоглу кој по состанокот изјави дека поголемиот дел од земјите кои учествуваа на состанокот беа едногласни во однос на тоа дека во Сирија не е можно да се постигне мир со Бешар Асад.
Американскиот државен секретар Џон Кери исто така истакна дека на состанокот не можеше да се постигне договор во однос на судбината на Асад, меѓутоа рече дека и покрај присутните недоразбирања сепак буди надеж точката до која што е дојдено.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров истакна дека е постигнат заеднички став во однос на прашањето дека иднината на Сиријците треба да ја определат самите сириски граѓани, додека францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиус рече дека на разговорите е постигнат напредок во однос на некои политички прашања, меѓутоа напомена дека продолжува недоразбирањето со Иран во однос на политичката иднина на Бешар Асад.
Фабиус рече дека страните ќе ги продолжат напорите во правец на изнаоѓање политичко решение и додаде дека било одлучено за две недели страните да се состанат повторно во ист формат.