Вучиќ повика на одбрана на мирот и спокојството во Босна и Херцеговина

Претседателот на Србија Александар Вучиќ на одржаната средба со членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик го повика Додик и сите политички сили во Република Српска да учествуваат во работата на институциите во БиХ

1762917
Вучиќ повика на одбрана на мирот и спокојството во Босна и Херцеговина

Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, во Белград се состана со членот на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ) Милорад Додик, а во текот на разговорот двајцата соговорници оценија дека мирот и стабилноста се од клучно значење за целиот регион.

Како што е соопштено од Кабинетот на српскиот претседател, Додик истакнал дека „против ентитетот Република Српска и српскиот народ во БиХ се води невидена политичка и медиумска кампања, не само во Сараево, туку и во бројни западни центри на моќ“.

„Како пример за тоа, Милорад Додик укажа на одбележувањето на денот на Република Српска и најбруталните навреди кои следуваа по тој повод од Сараево и од устите на многу западни политичари, кои обичен настан на кој присуствуваа регуларните и легалните полициски сили на Република Српска го претставија како закана за мирот, додека вистинското загрозување на мирот од Зелените беретки и нивниот собир во Сараево и Бужим не го ни спомнаа“, се наведува во соопштението.

Се додава дека Додик нагласил дека „за српскиот народ е речиси невозможно да се избори за правда и доследно спроведување на Дејтонскиот договор поради едностран и пристрасен пристап, пред сѐ, на Соединетите Американски Држави (САД)“.

Претседателот на Србија, Вучиќ, оцени дека санкциите на САД против Милорад Додик и другите претставници на Република Српска се „ужасен преседан“, и дека само можат да донесат катастрофални последици за развојот на односите помеѓу трите народи и двата ентитета во БиХ, но и пошироко во целиот регион.

„Санкциите секогаш носеа само проблем, а никогаш решение“, додаде Вучиќ.

Во соопштението, исто така, се истакнува: „Имајќи ја предвид тежината на позицијата на целокупниот српски народ, а особено несоодветните и неправедните притисоци кои се спроведуваат против Република Српска и нејзиното раководство, претседателот на Србија Александар Вучиќ, го замоли Додик и сите политички сили во Република Српска да учествуваат во работата на институциите во БиХ и на најдобар начин да ги штитат интересите на српскиот народ и Република Српска.“

Вучиќ истакна дека секоја одлука е на раководството на Република Српска, но дека и Додик и сите политички претставници во РС ги моли да го разгледаат неговиот предлог, бидејќи, како што рече, јасно е дека некои „политички чинители кои суштински ја загрозуваат стабилноста на целиот регион, со невистини и измислици, вината се обидуваат да ја префрлат на српскиот народ и РС“.

„Мојата молба кон претседателот Додик и сите политички фактори во РС не е барање да се согласат со нешто, или за нешто да гласаат, напротив, мојата молба е масата каде што треба да седнат претставници на РС, да не биде празна и на најдобар можен начин тие да се борат за интересите на ентитетот и српскиот народ“, нагласи Вучиќ.

Вучиќ му понуди на Додик и сите институции и политички претставници во Бања Лука да им го образложи својот предлог.

Вучиќ и Додик разговараа за тоа дека Република Српска подготвува значајна финансиска поддршка на ентитетот Република Српска, и дека за тоа тимовите на двајцата претседатели и двете влади ќе ги забрзаат разговорите и во најскоро време ќе ја известат јавноста.

Двајцата функционери договорија и одржување на големо собрание на Република Србија и ентитетот Република Српска, вклучително и заеднички состанок на двете влади, за 27 јануари, кога ќе се одлучува за стратешки економски проекти и понатамошно унапредување на соработката во сите области помеѓу Република Србија и помалиот босанскохерцеговски ентитет. (Агенција Анадолија-АА)

 



Слични вести