Бујар Османи за автобуската несреќа: Процесот на идентификација на телата ќе трае седум дена

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи соопшти дека согласно добиените информации од бугарските служби процесот на идентификација на телата на лицата кои загинаа во трагичната автобуска несреќа во Бугарија ќе трае седум дена

1738217
Бујар Османи за автобуската несреќа: Процесот на идентификација на телата ќе трае седум дена

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи, одржа работен состанок со тимот на обвинители на Бугарија, кои работат на истрагата поврзана со несреќата на автобусот со македонски регистарски таблички која се случи вчера во Бугарија.

Османи преку соопштение на својот фејсбук-профил нагласи дека целта на средбата била да се утврдат следните чекори и динамиката на истрагата за да бидат подготвени како институции.

„Беше утврдено дека процесот на идентификација на телата на загинатите е започнат, а експертите од нашата држава веќе се активни заедно со бугарските колеги. Ни беше побарана и асистенција од наша страна во насока на итно собирање на ДНК-материјалите од роднините, постапка којашто веќе е во тек и МВР веќе активно работи на собирање на таков материјал, сѐ со цел процесот на идентификација да заврши што поскоро.“

Според Османи, согласно добиените информации од бугарските служби, процесот на идентификација на телата ќе трае седум дена.

„Важна информација за семејствата, но и за нашите институции за навремено да се организираме за транспортот на телата. Тој целосно ќе биде на трошок и обврска на нашите државни институции“, рече Османи.

„Во мојата целодневна комуникација со претставниците на семејствата ги информирав и за последните разговори со бугарските институции, при што им пренесов дека во оваа фаза не може да се споделат индивидуални информации до нив, сѐ додека овој процес на идентификација сѐ уште трае“, нагласи тој.

Министерот Османи рече дека разговарале и за текот на истрагата, како и за многубројните шпекулации за кои заеднички констатирале дека во овој момент не ѝ помагаат на истрагата и дека како одговорни институции треба да се фокусираат на релевантните факти и процедури. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести