Владата на Северна Македонија прогласи тридневна жалост за трагичната автобуска несреќа во Бугарија
Во соопштението на Владата на Северна Македонија се истакнува дека за денови на жалост се прогласени денешниот ден, утре и задутре, односно од 23 ноември заклучно со 25 ноември (вторник, среда и четврток)


Владата на Северна Македонија прогласи тридневна жалост поради сообраќајната несреќа на автобусот со македонски регистерски таблички што се случи во Бугарија.
„Со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија, и во знак на сочувство со нивните семејства, Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 120-та седница донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава“, се вели во соопштението на Владата.
Се истакнува дека за денови на жалост се прогласени денешниот ден, утре и задутре, односно од 23 ноември заклучно со 25 ноември (вторник, среда и четврток).
„За време на деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија, како и на дипломатските претставништва на земјата во странство, ќе биде истакнато на половина копје. Се одлагаат сите јавни настани, а медиумите треба да ги прилагодат своите содржини соодветно на прогласената тридневна жалост“, се додава во соопштението.
Од друга страна, од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија соопштија дека имајќи ја предвид тешката несреќа што се случи во Бугарија, во Министерството веќе функционира кризен штаб за несреќата. (Агенција Анадолија-АА)