Државниот врв на Северна Македонија со честитки по повод Денот на албанската азбука

„22 Ноември има суштинско значење за Албанците и не е само нивен национален празник, туку датум кој со пиетет го чествуваат сите граѓани во нашата мултикултурна и мултиетничка Република Северна Македонија“

1737163
Државниот врв на Северна Македонија со честитки по повод Денот на албанската азбука

Државниот врв на Северна Македонија упати честитки по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението на Претседателскиот кабинет, претседателот Стево Пендаровски упатил честитки до припадниците на албанската етничка заедница во земјата.

„Драги сограѓани од албанска националност, нека ни е честит 22 Ноември, Денот на албанската азбука. Најискрено ви посакувам празникот да го минете, пред сè, во добро здравје, радост и благосостојба“, нагласи Пендаровски.

Според него, унифицирањето на албанската азбука што се случи пред 113 години во Битола не беше само пресвртен момент во кодифицирањето на албанскиот јазик и негово етаблирање, туку и клучен културен, духовен и национален потфат на албанскиот народ.

„Оттука, 22 Ноември има суштинско значење за Албанците и не е само нивен национален празник, туку датум кој со пиетет го чествуваат сите граѓани во нашата мултикултурна и мултиетничка Република Северна Македонија“, истакна тој.

„Живееме во навистина комплексно и неспокојно време. Токму сега треба да покажеме дека сплотеноста, солидарноста, меѓусебното уважување и почитување, ќе продолжат да бидат наш сигурен бедем пред сите предизвици и тешкотии кои ги живееме. Да не губиме волја и надеж и да работиме за просперитетот и за благосостојбата на сите наши граѓани“, додаде Пендаровски.

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, преку објава на својот фејсбук-профил упати честитка по овој повод, нагласувајќи дека јазикот е толку богат и толку вреден колку што се говори правилно, се пишува правилно, се преведува и шири низ светот со должното внимание и индивидуална и колективна одговорност на секој поединец.

„Тоа е моќна алатка која обединува луѓе, обединува идеи и овозможува соработка и се разбира, напредок и интелектуален, културен и уметнички развој на еден народ, но над сè е идентитетски знак на еден народ, а Република Северна Македонија е земја во која се негуваат и почитуваат сите различности. Честит 22 Ноември, Денот на албанската азбука“, истакна Џафери.

Исто така, честитки по овој повод упати и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, кој на социјалните мрежи потсети дека на денешен ден во 1908 година во Битола завршил Битолскиот конгрес на кој се создала албанската стандардизирана азбука.

„Конгресот бил свикан на 14 ноември и на него присуствувале делегати од Македонија, од Албанија, и од албанските заедници во Романија, Египет, Америка, Грција, Турција, Италија и други земји. Со прогласувањето на 22 ноември за Ден на албанската азбука и празнувањето на овој значаен празник за албанската заедница како составен дел од јазичното и од културното богатство на Северна Македонија, потврдуваме дека јазикот и писмото се мостови за разбирање меѓу традициите, културите и духовните наследства. На тоа нѐ повикуваат и нашите македонски вредности, кои во исто време се и европски и со кои се движиме на патот на интеграцијата во Европската Унија“, рече Заев.

Тој нагласи дека одбележувањето на културните вредности, настани и традиции на сите етнички заедници, вклучувајќи ја и албанската, е во суштината, во основата на мултикултурното општество на земјата и дека тоа е силен придонес за просперитетна иднина и за благосостојба на сите граѓани.

„Нашата определба е да градиме и негуваме општество еднакво за сите и да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво што се градеше со векови и што претставува обврска за нашата заедничка иднина. Го честитам празникот – Ден на албанската азбука на сите припадници на албанската заедница и на сите граѓани“, истакна тој.

„Да го прославуваме заеднички и да ги славиме постоењето и зближувањето на културните традиции, кои на овие простори опстојувале заедно со векови. Заедништвото и грижата која си ја пружаме едни на други се гаранцијата за нашата сигурна и просперитетна, европска иднина. Да ги празнуваме и чествуваме етничките и јазичните различности на нашето општество како наша предност. Како наше заедничко богатство“, додаде Заев.

Меѓу другото, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во својата честитка објавена на неговиот фејсбук-профил нагласи: „113 години од Битолскиот конгрес кога интелектуалните потенцијали на Албанците се обединија за да ја унифицираат нашата азбука. Денес го одбележуваме овој ден кој претставува историската точка на подигнување на националната самосвест, но и литературно, интелектуално и културолошко обединување на сите Албанци.“

Според него, во денешната современа држава, Северна Македонија, албанскиот јазик го добил своето заслужено место како службен јазик на земјата, симболично изразено и преку одбележување на денешниот ден.

„Афирмацијата на јазичното, националното и духовното наследство на секоја од заедниците во земјава претставува наш современ предизвик на кој заеднички работиме. Тие е воедно и нашиот придонес кон европските вредности кон кои се стремиме, градејќи ги со тоа и современите темели на нашата заедничка држава. Нека ни е честит празникот“, порача Османи.



Слични вести