Локални избори во Северна Македонија: Заев и честиташе на опозицијата и поднесе оставка

„Јас ја преземам одговорноста на себе за лошите резултати од овие избори за сите нас прогресивните сили за да можат токму тие прогресивни сили да опстојат и да продолжат да се борат за прогресот на Северна Македонија...“ - изјави премиерот Зоран Заев

1727206
Локални избори во Северна Македонија: Заев и честиташе на опозицијата и поднесе оставка
kuzey makedonya seçim.jpg

Премиерот на Северна Македонија и претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев, откако не ги постигна очекуваните резултати од вториот круг на локалните избори, соопшти дека поднесува оставка од функцијата премиер и претседател на СДСМ и им честиташе на опонентите за победата на локалните избори.

На прес-конференцијата по завршувањето на процесот на гласање, заедно со кандидатот за градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов, Заев нагласи дека ја презема одговорноста врз себе за резултатите од изборите. Тој додаде дека лично ќе остане дел од партијата.

Според прелиминарните резултати, Град Скопје во наредните четири години ќе биде управуван од страна на независната кандидатка Даниела Арсовска која е во предност со 55,69 отсто од гласовите во однос на кандидатот на СДСМ кој освои 40,8 отсто од гласовите.

За време на изборната кампања, Заев вети дека ќе даде оставка доколку кандидатот од неговата партија, Шилегов, не победи локалните избори за Скопје.

„Горд сум што заедно ја внесовме земјата во НАТО. Лани добивме одлука за почеток на преговорите со Европската Унија. Верувам дека имаме шанси да отпочнеме преговори за неколку месеци. Си го обединивме нашиот мултиетнички народ и економски видливо го зајакнавме и покрај пандемијата којашто владееше. Спроведовме успешен попис, изградивме историско пријателство со сите наши пет соседи со договорени стратешки партнерства. За нас прогресивните, кои веруваме и им се радуваме на овие историски успеси, за жал дојде политичка казна“, рече Заев.

Тој истакна дека на овие избори биле видливи многу пари на терен кај опозицијата, како што рече, дојдени доминантно од надвор, а дадени „заради политички, но и заради економски причини“. Според него, сите овие пари биле значајна причина за ваквиот резултат на изборите.

„Јас ја преземам одговорноста на себе за лошите резултати од овие избори за сите нас прогресивните сили за да можат токму тие прогресивни сили да опстојат и да продолжат да се борат за прогресот на Северна Македонија. Оставката ја поднесувам и од премиер и од претседател на СДСМ. За крај, и во вакви околности останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори. Претстојат одлични и неповторливи две и пол години за работа и економски успеси од кои корист ќе има целиот наш народ и државата“, додаде Заев.

Шилегов го прифати поразот за Град Скопје, додека Заев не даде повеќе детали за резултатите на неговата партија на изборите.

Меѓу другото, претседателот на македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, на прес-конференцијата по завршување на изборниот процес, изрази убедлива победа и рече дека „денес е денот кога започнуваат промените за Македонија“.

Во вториот круг од локалните избори во Северна Македонија на коишто право на глас имаа 1.353.990 гласачи на вкупно 2.481 избирачко место. Вториот круг се одржа во 44 општини и во Град Скопје, откако во првиот круг беа избрани 34 градоначалници.

Ова беа седми локални избори во Северна Македонија, првите беа одржани во 1990 година, а последните локални избори во земјата се одржаа во 2017 година. (Агенција Анадолија-АА)

 



Слични вести