Започна гласањето во вториот круг од локалните избори во Северна Македонија

Вториот круг од седмите локални избори во Северна Македонија се одржува во 44 општини и во Град Скопје, откако во првиот круг беа избрани 34 градоначалници

1726937
Започна гласањето во вториот круг од локалните избори во Северна Македонија

Утринава во 07:00 часот се отворија гласачките места со што официјално започна гласањето на вториот круг од седмите локални избори во Северна Македонија, на коишто 1.353.990 лица до 19 часот вечерва ќе можат да го остварат своето право на глас во вкупно 2.481 избирачки места низ земјата.

Вториот круг од седмите локални избори во Северна Македонија се одржува во 44 општини и во Град Скопје, откако во првиот круг беа избрани 34 градоначалници.

Во Дебар ќе има повторување на гласањето за градоначалник и за совет на едно избирачко место, а ќе се прегласува и на едно избирачко место во Шуто Оризари за членови на советот. Управниот суд го поништи гласањето во овие две избирачки места во гласањето од првиот круг на изборите на 17 октомври.

Гласање за градоначалник нема да има во Маврово Ростуше и Центар Жупа бидејќи не беше исполнет законскиот цензус за гласање во првиот круг од изборите да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.

За овие две општини Државната изборна комисија (ДИК) ќе ја извести Владата, а потоа во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани бидејќи за нив не е потребен цензус.

Вчера гласаа болните и немоќните, лицата со Ковид-19 и оние во самоизолација.

Во петокот на полноќ заврши изборната кампања во која партиите и коалициите ја претставуваа својата понуда пред граѓаните, и почна изборниот молк кој ќе трае до 19:00 часот денеска.

Првпат на локалните избори се применуваат терминали за биометриска идентификација на гласачите, а ќе се применуваат и општите мерки за заштита од Ковид-19.

Во меѓувреме, од Државната изборна комисија (ДИК) информираа дека одобриле уште 347 акредитации за набљудување во вториот круг од локалните избори.

Ова се седми локални избори во Северна Македонија, првите беа одржани во 1990 година, а последните локални избори во земјата се одржаа во 2017 година. (Агенција Анадолија-АА)

 



Слични вести