Граѓаните на Северна Македонија гласаат во вториот круг од локалните избори

Во вториот круг од локалните избори во Северна Македонија се гласа во 44 општини и Град Скопје, а право на глас имаат 1 милион 353 илјади 990 избирачи кои гласаат во 2.481 избирачко место

1726933
Граѓаните на Северна Македонија гласаат во вториот круг од локалните избори
Kuzey Makedonya Yerel Seçimler.jpg
Kuzey Makedonya İkinci Tur Yerel Seçimler2.jpg
Kuzey Makedonya İkinci Tur Yerel Seçimler1.jpg

Денеска (31 октомври 2021 година, недела) во Република Северна Македонија се одржува вториот круг од локалните избори на кои граѓаните ќе изберат градоначалници на уште 44 општини и Град Скопје, а во две општини, Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се гласа повторно, бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање да излезат најмалку една третина од избирачите.

Гласањето започна утрово во 07:00 часот и ќе заврши во 19:00 часот вечер. 

Во вториот круг од локалните избори се гласа во 44 општини и Град Скопје, а право на глас имаат 1 милион 353 илјади 990 избирачи кои гласаат во 2.481 избирачко место.

На изборите се натпреваруваат двајцата кандидати за градоначалници кои освоија најголем број гласови во првиот круг во кој ниту еден од кандидатите не можеше да освои повеќе од 50 отсто од гласовите на бирачите. 

Во вториот круг од изборите се гласа во Град Скопје и во уште 44 општини и тоа: Арачиново, Битола, Боговиње, Брвеница, Василево, Вевчани, Врапчиште, Гевгелија, Гостивар:, Дебарца, Демир Капија, Демир Хисар, Долнени, Желино, Зелениково, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Охрид, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Центар, Чаир, Чашка, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево и Шуто Оризари.

Владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ се натпреваруваат во повеќе од 20 општини, додека трката за градоначалник на Град Скопје се води помеѓу актуелниот градоначалник од СДСМ Петре Шилегов, и независната кандидатка на група избирачи која инаку е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска.

Во првиот круг од изборите кои беа одржани пред две недели, на 17 октомври 2021, беа избрани градоначалници на 34 општини и тоа: Берово, Богданци, Босилово, Бутел, Валандово, Велес, Виница, Гази Баба, Градско, Делчево, Дојран, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево, Липково, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Пласница, Прилеп, Сарај, Свети Николе, Сопиште, Струмица, Центар Жупа и Штип.

Во првиот круг на 17 октомври, опозициската ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалнички места, владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) 9 и Демократската унија за интеграција (ДУИ) 3.

Процентот на излезеност изнесуваше 51,44 отсто, односно своето право на глас го остварија 938 илјади 631 гласач.

Поради тоа што Уставниот суд го поништи гласањето во првиот круг повторување на гласањето за градоначалник и за советот ќе има на едно избирачко место (0543) во Дебар, а ќе се прегласува и на избирачкото место 2957/1 во Шуто Оризари за членови на совет. 

Бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање во првиот круг од изборите да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список, во Маврово-Ростуше и Центар Жупа нема да има гласање за градоначалник. Државната изборна комисија (ДИК) за овие две општини ќе ја извести Владата, а потоа во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе биде повторено гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членовите на советот се избрани во првиот круг бидејќи за нив не е потребен цензус.

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека за набљудување на вториот круг од локалните избори се акредитирани 1.598 набљудувачи, од кои 1.220 домашни и 368 странски, како и 10 странски новинари.

Овие локални избори се карактеристични по тоа што исто како и во првиот круг и денеска во вториот круг, за првпат се применуваат уреди за биометриска идентификација на гласачите со отпечатоци од прсти.

 

 

 



Слични вести