ДИК ги објави прелиминарните резултати од Локалните избори во Северна Македонија

Победниците се утврдени во 34 од општините

1721602
ДИК ги објави прелиминарните резултати од Локалните избори во Северна Македонија

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) на Северна Македонија, Александар Даштевски, организираше прес-конференција на која ги објави прелиминарните резултати од локалните избори што се одржаа вчера, јавува Агенција Анадолија (AA).

Во првиот круг од седмите по ред локални избори во Северна Македонија, што се одржаа вчера во 80 општини и Град Скопје, победниците се утврдени во 34 од општините, додека во 44 општини ќе се одржи вториот круг, кој е закажан две недели подоцна, на 31 октомври.

Истакнувајќи дека во вториот круг ќе се одреди и новиот градоначалник на Град Скопје Даштевски информираше дека првиот круг ќе се повтори во две општини бидејќи не е исполнет законскиот услов за излезност на гласањето.

„Во општините Центар Жупа и Маврово Ростуша ќе се повтори целата изборна постапка поради неисполнување на законскиот услов од 1/3 од запишаните гласачи да излезат на гласање“, соопшти Даштевски.

Во 34-те општини во кои според прелиминарните резултати победниците се утврдени уште во првиот круг, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ обезбеди градоначалници во 22 општини, вклучувајќи и неколку општини во главниот град, но и во неколку други важни градови како што се Велес, Прилеп и Штип.

Според прелиминарните резултати, владејачкиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) обезбеди победи во првиот круг во девет општини, меѓу кои се и градовите Струмица и Крива Паланка.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) во првиот круг извојува победи во 3 рурални општини.

„Подносителите на листи на кандидати имаат право да поднесат приговори за постапката за гласање во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето и приговори за собирање и утврдување на резултатите 48 часа по објавувањето на првичните резултати“, информираше Даштевски.

Тој објасни дека ДИК е должна во рок од 48 часа по приемот на секој приговор да донесе одлука по истиот, а доколку подносителот не е задоволен од одлуката на ДИК, може да поднесе тужба до Управниот Суд.

Покрај трката за градоначалник на Град Скопје, во вториот круг на 31 октомври треба да се одлучи во уште неколку важни градови во земјата, како Битола, Охрид, Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево и Струга.

 



Слични вести