Денеска во Косово се одржуваат локални избори

Гласањето започна во 07:00 часот кога беа отворени гласачките места, а ќе заврши во 19:00 часот по локално време

1720699
Денеска во Косово се одржуваат локални избори

Денеска граѓаните на Косово гласаат за новата локална власт, за избор на новите градоначалници и советници во 38 општини.

Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) потврди дека право на глас на денешните локални избори имаат 1 милион 885 илјади 448 гласачи кои во текот на денот ќе гласаат во 883 гласачки центри во 2.477 гласачки кутии, додека за гласање преку пошта се регистрирале 15 илјади 532 гласачи.

На изборите учествуваат 89 политички субјекти, од нив 32 се политички партии, 33 граѓански иницијативи, една изборна коалиција и 23 независни кандидати, вкупно приближо 5.500 лица

За градоначалници во 38 општини се натпреваруваат вкупно 166 кандидати, од кои 14 се жени, додека за општински советници се пријавиле 5.198 кандидати.

Гласањето започна во 07:00 часот кога беа отворени гласачките места, а ќе заврши во 19:00 часот по локално време. 

За безбедно одржување на изборите се ангажирани 3 илјади полицајци, а воедно дежураат и 35 судии и 80 обвинители.

Процесот на гласање се одвива со почитување на мерките против Ковид-19, со користење маски и одржување физичка дистанца.

Истовремено, Министерството за образование на Косово одлучи дека во училиштата кои се гласачки центри во понеделник нема да се одржи настава со физичко присуство, туку онлајн настава, а за да има време да се дезинфекцираат училиштата.

Можниот втор круг за избор на градоначалник, во случај ниту еден кандидат во првиот круг да не освои повеќе од 50 осто гласови, ќе биде одржан на 14 ноември.

Општинската власт се избира со четиригодишен мандат.

Ова се седми избори за собранијата на општините од завршувањето на војната во Косово во јуни 1999 година, додека претседателите на општините или градоначалниците непосредно се бираат на избори од 2007 година.

 

 



Слични вести