Заев на Самитот на „Економист“ ги повика инвеститорите да инвестираат во Северна Македонија

„Ценам дека е од голема важност заедно да ги дискутираме прашањата за идните чекори кои ќе нѐ водат до повисок раст на економиите, за реформите, за конкурентноста...во контекст на нашиот заеднички пат и визија кон ЕУ“

1719758
Заев на Самитот на „Економист“ ги повика инвеститорите да инвестираат во Северна Македонија

 

Со обраќање на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, започна Самитот на Западен Балкан во организација на лондонски „Економист“ на тема „Унапредување на европската инклузивност и солидарност“, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Премиерот Заев во својот говор ја истакна важноста од економски просперитетен Балкан на 21 век, интегриран во Европската Унија (ЕУ).

Тоа, според него, се постигнува исклучиво со заедничка соработка со државите од регионот, ЕУ, САД и сите пријателски држави, со посветена работа и верба во подобра иднина.

„Ценам дека е од голема важност заедно да ги дискутираме прашањата за идните чекори кои ќе нѐ водат до повисок раст на економиите, за реформите и нивно спроведување, за конкурентноста, социјалната кохезија, финансиските системи, бизнис-партнерствата и сето тоа во контекст на нашиот заеднички пат и визија кон ЕУ“, рече Заев.

Говорејќи за македонската економија, Заев рече дека благодарение на растот од 5,6 проценти во првото полугодие, неодамна и Светската банка ја зголеми прогнозата за растот на бруто домашниот производ на Северна Македонија во 2021 година, од 3,6 на 4,6 проценти.

Заев, исто така, упати директна порака до сите инвеститори да инвестираат во Северна Македонија, тврдејќи дека домашната економија излезе од кризата.

„Согласно статистичките податоци, вредноста на вкупниот извоз во периодот јануари - август 2021 година изнесува 4,6 милијарди евра. Тоа претставува пораст од 31,5 проценти во однос на истиот период минатата година. Ова се аргументи и докази дека излегуваме од кризата“, рече Заев.

По воведниот говор на премиерот Заев, следуваше првиот панел на тема „Западниот Балкан во постковид-светот: Кој е вистинскиот пат до стабилност и просперитет?“, на кој, покрај премиерот Заев, свои излагања имаа и премиерот на Косово, Албин Курти, вицепремиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и вицепремиерот на Албанија, Арбен Ахметај.

На Самитот на засебни панел-сесии учествуваат и други претставници од Владата на Северна Македонија. Освен нив, предвидено е да говорат високи претставници од светската, европската и регионалната политика, од меѓународните финансиски институции и компании, владин и невладин сектор и претставници од академската сфера.



Слични вести