Свечено доделени дипломите на дипломираните студенти на Меѓународниот балкански универзитет

Со свечена манифестација, во кампусот на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) се одржа церемонијата за промоција на околу 500 дипломирани студенти од 2020 и 2021 година на додипломски и постдипломски студии

1719824
Свечено доделени дипломите на дипломираните студенти на Меѓународниот балкански универзитет

Со свечена манифестација, во кампусот на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) се одржа церемонијата за промоција на околу 500 дипломирани студенти од 2020 и 2021 година на додипломски и постдипломски студии, јавува Агенција Анадолија (AA).

Покрај универзитетскиот персонал, на свеченоста присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи; амбасадорот на Република Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок; амбасадори; претставници на турски институции и организации; претставници на централната и локалната власт; како и дипломираните студенти и нивните семејства.

Вицепремиерот Битиќи во поздравниот говор рече дека дипломираните студенти треба да бидат горди на постигнатото, бидејќи успешно завршиле дел од својот живот.

„Вие инвестиравте во образованието, најпрофитабилната долгорочна инвестиција. Од мое лично искуство, можам да потврдам дека секоја инвестиција во образованието, секоја прочитана книга, секоја конструктивна дискусија, секоја вид на формално или неформално образование, ви помага да се изградите себеси“, рече тој.

Свое обраќање имаше и амбасадорот Секизќок, кој високо оценувајќи го придонесот на ИБУ во зголемувањето на квалитетот на човечкиот капитал во Северна Македонија, ги посоветува дипломираните студенти да продолжат да црпат знаење и надвор од универзитетот.

„Да не заборавиме, не само образовните институции, туку секој дел од животот е школо. Насекаде каде се одвива животот, се учи и се стекнува знаење. Користете го здравиот разум при вреднувањето на сите ваши достигнувања", рече Секизќок.

Ректорот на ИБУ, Мехмет Дурсун Ердем, рече дека институцијата со која раководи продолжува да расте во регионот и додаде дека според критериумите на Шангај, ИБУ е најдобариот универзитет во Северна Македонија, а прв е и во програмите „Еразмус" и „Еразмус +“.

„Со идентитет на универзитет-фондација, ИБУ е универзитет кој приоритетот не му го придава на профитот, туку на квалитетот. Нашиот универзитет е во потрага по совршеноста за иднината. Тоа е иновативен и модерен универзитет кој се базира на универзални вредности“, истакна ректорот Ердем и додаде дека универзитетот ИБУ, покрај во Турција, е признат и во Европа и во Америка.

Претседателот на Управниот одбор на ИБУ, Ајдоган Адемоски, им честиташе на професорите и им посака успех на дипломираните студенти. Тој истакна дека дипломираните студенти се најдобрите амбасадори на универзитетот. Нагласувајќи дека целта е да се подобрат условите за студентите, Адемоски најави изградба на студентски дом следната година.

„Би сакал да информирам дека во 2022 година почнуваме со изградба на нов студентски дом со капацитет од 500 луѓе, кој ќе биде втор дом за сите студенти“, рече Адемоски.

На овогодинешната манифестација им беа доделени признанија и на најдобрите студенти на генерациите 2020 и 2021, бидејќи немаше свечена церемонија минатата година поради мерките против Ковид-19.



Слични вести