Дали ЕУ ќе го турне Западен Балкан на друга страна?

Коментар на Ремзи ЏАНОВА, новинар во Скопје

1718804
Дали ЕУ ќе го турне Западен Балкан на друга страна?

 

„Европската комисија е многу јасна, а тоа е дека земјите од Западен Балкан и Европската унија (ЕУ) се од иста Европа. Нема сомнеж за проширување на Унијата и нашата цел е проширување”. Овие пораки ги испрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од Самитот ЕУ - Западен Балкан, во Брдо кај Крањ во Словенија, кој се одржа минатата недела.

Конкретно за билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија, дер Лајен порача дека ќе се применува т.н. 5+1 прашалник за да се најде соодветно решение, што беше повторување на она што претходно го кажа бугарскиот претседател Румен Радев како начин за решавање на спорот Софија-Скопје.

„Земјите од Западен Балкан направија многу. Не велам дека е се направено, но направено е многу. За решавање на проблемот меѓу Северна Македонија и Бугарија да се примени прашалникот 5+1“ со конкретна агенда за спроведување, изјави фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел, и домаќинот на Самитот, словенечкиот премиер Јанез Јанша.

Пред прес-конференцијата на Лајен и Мишел, а по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот претседател ја потенцираше агендата 5+1, прецизирајќи ги условите што ги бара Софија од Скопје, како и тоа дека очекува правнообврзувачки договор со Скопје до ноември, а за Бугарија да каже ДА за Македонија, прво ќе треба да се види што е исполнето од Скопје. Вака почитувани мои на кратко може да се пренесе се она што се случуваше на самитот на Брдо кај Крањ, Словенија.

Партнерите од ЕУ се повеќе ја сфаќаат позицијата на Република Северна Македонија. Клучот за согласност на Бугарија воопшто не е сложен – се состои во целосно имплементирање на Договорот за добрососедство. Потоа, македонските Бугари да бидат подеднакво рамноправни со останатите 7 народи наведени во Уставот на Северна Македонија и тоа треба да биде јасно наведено во Уставот. Не водејќи сметка за тоа колкав ќе биде бројот на Бугарите во Македонија на туку завршениот попис на населенеието.

Второ, македонските Бугари,како што вели бугарскиот Претседател на заминување, да бидат јасно наведени во резултатите од пописот.

Трето, како што беше признаена историската вистина во односите со Грција, истото да биде сторено и со Бугарија. Објективните факти од нашата општа историја не може да бидат подложени на мултиперспективно толкување“, изјави бугарскиот претседател.

Ваквите барања и постапки на бугарската страна, за Македонија претставуваат навреда. До сега не постои земја членка на ЕУ која има каква било забелешка за реформите извршени во Македонија на патот кон ЕУ. Логички е дека македонскиот напредок во интеграциите во ЕУ првенствено треба да зависат од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а никако од билатералните прашања од минатото што претставува директно мешање во внатрешните работи на Македонија. Со своите блокади на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, Бугарија предизвикува негодување и разочараност и ја гаси надежта на Западниот Балкан, како порача и високиот претставник за надворешни работи на ЕУ Жозеп Борел пред некој ден од Мадрид.

И самитот кај Брдо, очигледно покажува дека Западниот Балкан западна во еден своевиден песимизам, разочараност од реалните перспективи за проширувањето на ЕУ. Фактот дека спорот со Бугарија е пречка да се отворат преговорите не само со Северна Македонија, туку и со Албанија, а тие две држави си ја завршија домашната работа и се подготвени за преговарачкиот процес што би можел да вроди со резултат на кус рок“.

Бугарија, парализирајќи им го процесот на Македонија и на Албанија доведе до една состојба на негодување и разочараност поради недостатокот од перспектива и нешто што може да се нарече како згаснување на пламенот. Поради индолентниот и би рекол неенергичниот став на Унијата, кон односот на овој спор, може да биде причина таа да го турне Западен Балкан на друга страна. Да бара излез сосема на трета страна. Што се разбира нема да биде добро ниту за ЕУ и Западиот Балкан, ниту пак за самите земји од овој регион.

 



Слични вести