Османи: „Дипломатскиот успех не е трка на 100 метри, тоа е маратон“

Земјата нема проблем да ги вклучи Бугарите во Уставот

1716510
Османи: „Дипломатскиот успех не е трка на 100 метри, тоа е маратон“

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, рече дека земјата нема проблем да ги вклучи Бугарите во Уставот, јавува Агенција Анадолија (AA).

За време на Самитот ЕУ - Западен Балкан што се одржа вчера во Брдо, Словенија, бугарскиот претседател Румен Радев повика на вклучување на бугарската заедница во Уставот на Северна Македонија, за да го тргне ветото за почеток на преговорите за членство помеѓу ЕУ и Северна Македонија.

Во врска со овие барања, Османи рече дека за Северна Македонија никогаш не било проблем да се прифатат различни етнички групи и истото ќе важи и за бугарската заедница.

„Дипломатијата и дипломатскиот успех не се трка на 100 метри, тие се маратон во кој успешни се оние кои знаат да ги бранат своите позиции, знаат да бидат трпеливи и знаат каде сакаат да одат. Мислам дека ние немаме дилеми каде сакаме да одиме“, рече тој.

Според Османи, земјата нема друга алтернатива освен влез во ЕУ, и додаде дека мора да се најдат решенија за надминување на сите пречки на овој пат.

„Не сакам да ја оправдам спороста на ЕУ да создаде појасна предвидливост за Западен Балкан, која е непопуларна и која го поткопува кредибилитетот на ЕУ во регионот“, рече Османи.

Тој, исто така, нагласи дека има напредок во разговорите што се водат во рамките на работните групи меѓу двете министерства, но рече дека не сака да ги зголеми очекувањата на граѓаните за брз напредок, бидејќи, како што нагласи, „не е процес што зависи од нас“.

Бугарија веќе некое време ја блокира Северна Македонија да ги започне пристапните преговори со ЕУ под изговор за „решавање на историски и јазични спорови“.



Слични вести