Националното координативно тело за пописот на Турците: Преуранета е изјавата дека пописот е успешен

Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Северна Македонија соопшти дека e преуранета изјавата на директорот на Државниот завод за статистика дека пописот е успешен веднаш по завршувањето на процесот, без анализа на слабостите

1715365
Националното координативно тело за пописот на Турците: Преуранета е изјавата дека пописот е успешен
Kuzey Makedonya'da Nüfus Sayımı Başladı.jpg
Kuzey Makedonya nüfus sayımı.jpg

Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Република Северна Македонија соопшти дека e преуранета изјавата на директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) дека пописот е успешен веднаш по завршувањето на процесот без да се анализираат сите слабости.

Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во писменото соопштение ги истакна слабостите што се детектирани за време на пописниот процес.

Во соопштението на Националното координативно тело за пописот на турскиот народ (каде што се зачленети сите турски невладини организации, сите политички субјекти од турската заедница во земјава, истакнати турски интелектуалци, универзитетски професори и други влијателни личности од турската заедница во земјава) се наведува дека од самиот почеток целокупниот процес на Пописот 2021 е следен активно и со внимание, вложувајќи големи напори за да биде успешно спроведен.

„Со започнувањето на пописот“, како што пишува во соопштението, „со сите наши демократски механизми ги следевме случувањата на терен и на секоја платформа јасно ставивме до знаење дека пописот на населението го гледаме како натпартиско прашање.“

„Вчерашната изјава на директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), каде пописот го опиша како успешен веднаш по завршувањето на процесот без да се анализираат сите слабости, повреди на загарантираните уставни права и Законот за попис, е преуранета“, се нагласува во соопштението.

Националното координативно тело за пописот на турскиот народ, во писменото соопштение, од повеќето слабости, недостатоци и противзаконитости го наведува следното:

- Од почетокот на пописот, 5 септември, до 21 септември апликацијата во електронска форма на турски јазик не функционираше и прашањата беа на турски јазик, а одговорите на македонски јазик, па така, немајќи друг избор, попишувањето принудно се одвиваше на македонски/aлбански јазик. Апликацијата на турски јазик почна да функционира од 22 септември.

- Покрај нашите укажувања во 29 пописни реони не беше запазена етничката структура на населението при избор на реонски инструктори и реонски попишувачи.

- Во одредени населени места каде нашиот турски народ со векови живее, го негува соживотот со другите народи, имаше обиди за манипулации и притисоци од структури кои се финансирани од странски фондации. Но, за жал, иако надлежните органи беа информирани и предупредени, не беа преземени никакви активности за надминување на наведените незаконски дејствија. Нашите сограѓани беа испровоцирани, вознемирени и навредени по национален основ. Благодарение на свесноста на нашиот народ, овие провокации беа надминати и отстранети, па така нашите долгогодишни мирољубиви комшиски односи не подлегнаа на таквите обиди за провокација.

- Нетранспарентен, неблаговремен и некоректен однос на надлежните од ДЗС со турските субјекти во текот на целиот процес.

- Со години наназад ДЗС во своите редови не го почитува уставното загарантирано право на соодветна и правична застапеност. Во наведената установа има неколку (симболична бројка на вработени) од турската заедница, со ваков индиферентен однос ДЗС става сенка и недоверба со своите активности кај турското население.

Националното координативно тело за пописот на турскиот народ, во соопштението, исто така наведува дека има граѓани кои не се опфатени со оваа сложена статистичка операција иако пописот од страна на надлежната институција е прогласен за успешно завршен.

„Доколку беа земени предвид нашите барања и забелешки првично од Државниот завод за статистика, ќе беа решени повеќето од горенаведени проблеми и пропусти. За истите навремено беа информирани и сите медиуми, амбасадите, како и Амбасадата на нашата матична земја, Република Турција“, се нагласува во соопштението.

Националното координативно тело за пописот на турскиот народ, потенцирајќи дека не смее да се манипулираат конечните резултати од пописот за да се прикаже нереалната слика на оваа статистичка операција, истакнува дека нема да дозволат да им се скратат правата поради некои политички договори и шпекулации.

„Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во РСМ ќе ги чека првичните резултати кои ќе бидат истакнати, а потоа ќе ја известиме јавноста за нашите конечни ставови“, се додава во писменото соопштение. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести