Дали заврши пописот во Македонија?

Автор на програмата е Ремзи ЏАНОВА, новинар во Скопје

1715388
Дали заврши пописот во Македонија?

 

Директорот на државниот Завод за Статистика на Република Северна Македонија на 30 септември одржа прес конференција на која се пофали дека планираниот попис на населението во Република Северна Македонија успешно заврши. Видно возбуден и целиот среќен дека заврши оваа во многу земји обична статистичка операција, тој толку се радуваше што чините дека Република Северна Македонија, како да стана членка на ЕУ. Човек и не треба да се чуди на ваквото однесување на првиот човек на Статистичкиот Завод, бидејќи тоа важи како за Македонија, така и на речиси за сите земји од регионот. Она што за цивилизираниот свет, пописот на населението претставува една навистина проста статистичка операција, за Македонија и земјите од регионот, каде правата на немнозинските заедници во поедини земји, се мерат и се определуваат со бројноста на членовите на нивните заедници и не е баш толку зачудувачко.

Како и се во оваа земја, така и пописот не може да помине без проблеми и промашувања. Ете на пример, се јавуваат илјадници луѓе од сите страни на земјата кои се жалат дека не се попишани. На што од Државниот завод за статистика велат дека во ниту еден попис не е можна опфатеност од 100% на населението, до последен човек. Но едно е сигурно дека се работи за неколку илјади адреси кои навистина ќе останат не попишани. Кога сме кај ова не може да се одмине, а да не се спомене уште еден проблем, за кој никој не може да одговори како ќе се разреши. Ете на пример, известувањето до јавноста на Националното Координативно Тело за Пописот на Турската заедница во РСМ, (каде што се зачленети сите турски невладини организации, сите политички субјекти од турската заедница во земјава, истакнати турски интелектуалци, универзитетски професори и други влијателни личности од турската заедница во земјава) во кој меѓу другото се вели: „Од почетокот на Пописот 2021 активно и со внимание го следевме целокупниот процес, вложувајќи големи напори за истиот успешно да се спроведе. Од другата страна, со започнувањето на пописот, со сите наши демократски механизми ги следевме случувањата на терен. На секоја платформа јасно ставивме до знаење дека го гледаме пописот на населението како надпартиско прашање. Сметаме дека вчерашната изјава на директорот на ДЗС, за нас е преуранета со тоа што го опиша процесот како успешен, веднаш по завршувањето на процесот без да се анализираат сите проблеми настанати за време на овој процес. А тоа се, слабости, повреди на загарантирани уставни права и законот за попис, на што ние многу пати во текот на процесот изразувавме незадоволство околу методологијата, недостатоците во пописот, недоволен број на попишувачи и инструктори од турската заедница, прекини и со денови не функционирање на системот за апликација, блокирани апликации од странство, проблемите со преводот и недостатоците во софтверот, недоволна информираност на населението за пописот, притисоците и игрите на терен и фактот дека многу наши граѓани не се избројани односно попишани. Од повеќето пропусти и незаконитости ќе наведеме само неколку од нив:

- Од почетокот, апликацијата во електронска форма на турски јазик, не функционираше и прашањата не беа на турски јазик, немајќи друг избор, попишувањето принудно се одвиваше на македонски односно албански јазик.

- Покрај нашите укажувања во 29 пописни реони, не беше запазена етничката структура на населението при избор на реонски инструктори и реонски попишувачи. Ова доведе до несакани настани во некои пописни реони како: Струга, Радовиш, Штип, Кичево, Велес, Струмица, Тетово, Гостивар, Скопје и други пописни реони, каде што некои попишувачи, не земајќи го предвид законот за заштита на лични податоци, незаконски собираа ЕМБГ (единствен матичен број) од граѓаните и ги попишувале без нивен увид на крајот на постапката.

- Во одредени населени места каде припадниците на турската заедница со векови живее, имаше обиди за манипулации и притисоци од структури кои се финансирани од странски фондации.

- Со години наназад ДЗС во своите редови не го почитува уставното загарантирано право на соодветна и правична застапеност. Во наведената установа, се на се има само неколку вработени кадри од турската заедница.

За горенаведените проблеми, пропусти и забелешки, беа информирани сите надлежни институции, органи и претставништва на странски мисии во нашата држава.

И навистина после вакви “дебели и сериозни пропусти и забелешки”, неминовно се поставува прашањето: „Колку ќе бидат кредибилни резултатите од овој и ваков попис во правењето долгорочни планови за понатамошниот развој на земјата во целина?



Слични вести