Пендаровски: Македонската државност и независност е нашето најголемо историско достигнување

Република Северна Македонија го одбележа јубилејот, 30. годишнината од осамостојувањето

1705161
Пендаровски: Македонската државност и независност е нашето најголемо историско достигнување

Со високо-церемонијална манифестација, на која присуствуваше државниот врв, предводен од претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и владината делегација, пратеници, амбасадори, претставници на локалната самоуправа, како и голем број на граѓани се одбележа 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија.

На манифестацијата дефилираа националните ансамбли и културно-уметничките друштва на сите заедници кои ги негуваат традиционалните народни танци, песни, игри и ора во Северна Македонија. Дефилираа и рударите, земјоделците, волонтерите на Црвениот крст, извидниците, здравствените работници, спортистите, пожарникарите, припадниците на полицијата и армијата.

Официјалниот дел на Манифестацијата започна со интонирање на македонската химна, а потоа претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, честитајќи го 8 Септември - Денот на независноста на сите граѓани, потенцираше дека просперитетот на Северна Македонија зависи од внатрешната инклузивност и од надворешната интегрираност.

„Најголем успех за државата е ако сите нејзини граѓани независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или припадници на помалите етнички групи, независно дали се христијани, муслимани, евреи или атеисти ја чувстуваат како своја татковина. Но, истовремено иднината на државата зависи и од нашата целосна интеграција во битните меѓународни организации, затоа што малите држави не може да опстанат, во денешниот глобален и немирен свет ако се сосема сами без сојузници и пријатели“, истакна Пендаровски.

Претседателот рече дека иако Северна Македонија е држава која има недостатоци, сите постигнати уметнички, спортски или стратешки дострели во изминатите 30 години не би биле возможни доколку Македонците немаа своја сопствена држава.

Пендаровски нагласи дека без двоумење може да се каже дека македонската државност и независност е „нашето најголемо историско достигнување, со кое треба сите да се гордееме“.

„Прашањата од типот „Зошто денес имаме просечна плата од 450 евра, а не 1000 евра“, „ Дали бројката на иселени мораше да биде толку голема?“ или за квалитетот на услугите кои државата ги испорачува на граѓаните се сосема легитимни, но не треба да бегаме од фактот дека тие потешкотии го проблематизираат ефектот од владеењето на сите политички елити од независноста до денес, но тоа на ни еден начин не ја поткопува идејата, не го негира историскиот императив да имате слободна, независна, и што е најважно, наша сопствена држава“, рече Пендаровски.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во своето обраќање истакна дека остварувањето на полноправното членство во воено-политичкиот сојуз на НАТО е огромен успех што воедно значи и безбедност на граѓаните.

„Нашата втора стратешка цел, почнувањето на преговорите за членство во Европската Унија се наоѓа повторно во статична точка за која се надевам дека во периодот што следи ќе има поместување во позитивна смисла и ќе можеме да учествуваме на првата меѓувладина конференција со Европската Унија”, потенцираше Џафери.

Тој нагласи дека Северна Македонија е заедничка држава на сите граѓани кои живеат во неа, како и дека сите се одговорни да ја чуваат и развиваат.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, смета дека Северна Македонија 30 години по независноста има сосема извесна европска иднина, јасна идеја и јасен пат кои водат до подобар живот на сите нејзини граѓани.

„Работите се менуваат кон подобро. Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници, општество за сите. Едно, единствено и еднакво. Нашето место во Обединетите нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет“, изјави Заев.

Премиерот додаде дека Северна Македонија покажува волја за соработка со сите соседи, стекнува доверба и го менува наративот за Балканот.

„Северна Македонија е препознаена како инспиратор на еден нов Балкан. Балкан достоен за 21. век. Балкан на пријателство и соработка, и без предрасуди. Тоа е продуктивен пат на заедничката регионална политика, соработка и заедништво. Тоа е и Отворен Балкан. Од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, сега сме позитивен пример, модел што другите сакаат да го следат. Ги решаваме проблемите, не бегаме од нив“, порача Заев.

Северна Македонија одбележува 30 години самостојност и независност по успешно спроведениот референдум одржан на 8 септември 1991 година, на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава. Над 95 проценти од граѓаните позитивно одговорија на прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“. (Агенција Анадолија-АА)

 



Слични вести