Честитки од државниот врв на Северна Македонија по повод Курбан Бајрам

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и премиерот на државата Зоран Заев, упатија честитки по повод муслиманскиот празник Курбан Бајрам

1677938
Честитки од државниот врв на Северна Македонија по повод Курбан Бајрам

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и премиерот на државата Зоран Заев, упатија честитки по повод муслиманскиот празник Курбан Бајрам.

Пендаровски, според соопштението на Претседателскиот кабинет, по повод Курбан Бајрам упати честитки до поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед во Северна Македонија.

„Најискрено посакувам празникот да го поминете во добро здравје, исполнет со радост, љубов и среќа. И годинава Курбан бајрам, во согласност со традицијата, нека биде во духот на помагањето и дарувањето, споделувањето и грижата. Да бидеме отворени и солидарни кон сите на кои им се потребни помош и поддршка, не само за празничните денови, туку во текот на целата година“, истакнува Пендаровски.

Тој порача дека во време кога целото човештво сè уште се соочува со пандемијата на Ковид-19 и со нејзините разорни последици, потребно е да се надминат сите несогласувања и недоразбирања, и сплотено да се работи за доброто на секој граѓанин.

„Верувам дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници, и понатаму посветено ќе придонесуваат за заедничката борба со сите предизвици коишто стојат на патот на просперитет на Република Северна Македонија“, нагласува претседателот Пендаровски во соопштението.

Честитки по повод Курбан Бајрам до поглаварот на Исламската верска заедница и Ријасетот, како и до сите припадници на исламската вероисповед упати и претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев.

„Овие свети денови нека Ви бидат исполнети со дух на трпение, дарежливост, и нека Ве води желбата за меѓусебна почит, разбирање и солидарност. На овој празник на надежта и вербата во добрината на луѓето, споделете ги даровите на празникот со вашите семејства, роднини, пријатели и соседи“, истакна Заев.

Нагласи дека величественоста на празникот Курбан Бајрам потсетува на суштината на човечкото постоење, на најскапоценото нешто за сите, на грижата за здравјето и зачувувањето на животот и грижата за најблиските.

Заев посочи празникот да е и поттик, во периодот што следи граѓаните масовно да се приклучат кон вакцинацијата „како најефикасно средство во борбата против пандемијата на Ковид -19 и така заедно да успееме најбрзо и најбезболно да се заштитиме и да ги пребродиме нејзините последици.“

Премиерот во соопштението на Владата истакна дека празникот на жртвувањето посочува вредности кои се универзални.

„[Празникот] ни испраќа благородни пораки што повикуваат на почитување и негување на нашето општество еднакво за сите, на општество во кое културните, етничките и верските различности се богатство и непроценлива уникатна вредност“, порача Заев во својата честитка по повод Курбан Бајрам. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести