Топло-ладно во спорот меѓу Скопје и Софија

Со предлогот на Португалија строго се заштитени македонскиот јазик и идентитет

1646592
Топло-ладно во спорот меѓу Скопје и Софија

 

 

Додека народот во Македонија со нетрпение ја очекува одлуката на комисијата за заразни болести на Република Северна Македонија, затоа дали идната недела ќе се одлучи дали ќе се укинат досегашните рестриктивни мерки против Ковид-19 и дали граѓаните и летово задолжително ќе мора да носат заштитна маска и на отворено, министерот за здравство на Македонија, најави дека од 1 јуни е можно да се укине мерката за задолжително носење заштитни маски на отворено. Ова најава се разбира дека предизвикува оптимизам. Да се надеваме дека од 1 јуни не ќе мора да носиме заштитни маски на отворено и ќе се укинат рестриктивните мерки. Додека оваа информација во македонското општество внесе една поголема доза на оптимизам, од друга страна и изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев, дека очекува исчекор во решавањето на спорните точки со Бугарија, исто така внесе доза на оптимизам и надеж дека ќе се реши тешкиот спор меѓу Скопје и Софија. Но само нешто потоа, бугарскиот претседател Румен Радев порача дека европскиот пат на Северна Македонија е преку Софија, што на некој начин не отрезни.

Во португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија се вклучени очекувањата на двете страни, станува збор за добра база којашто може да доведе до решение. Упатените се децидни дека со предлогот строго се заштитени македонскиот јазик и идентитет. Португалското претседателство со ЕУ и министерот за надворешни работи на оваа земја, Аугусто Сантош Силва во понудениот предлог за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија воделе грижа да бидат вклучени очекувањата на двете страни. Во португалскиот предлог е опфатена и бугарската страна и согласно нивните резолуции може понатаму да се разговара. Португалија, отворено покажа дека очекува час поскоро Бугарија да го признае македонскиот јазик и идентитет. Претставува изненадување што членка на ЕУ, која е од другата јужна страна на европскиот континент, која не е толку блиску до Балканот и не е толку детално упатена и навлезена во македонско-бугарскиот спор, беше креативна и инвентивна за да изнајде решение.

Предлогот за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, кон крајот на изминатата недела во Скопје го презентираше лично министерот за надворешни работи на Португалија, Агуста Сантош Силва и еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ Оливер Вархеји. Покрај тоа постои очекување на претстојното заедничко чествување во Рим на повод денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј на македонскиот и бугарскиот претседател Стево Пендаровски и Румен Радев, ќе се изнајде исчекор за надминување на овој проблем кој дефинитивно ја кочи европската интеграција на целиот Западен Балкан, но и европските перспективи на Република Северна Македонија.

Наводно се очекува дека европскиот дух што претседателот на Бугарија Радев го негува, но и македонскиот претседател, да биде доволен да се направи исчекор и да се продолжи понатаму во европеизација на Македонија. Бугарскиот претседател Радев порача дека европскиот пат на Северна Македонија е преку Софија и дека тоа е патот за решавање на сите проблеми. Како што вели тој самиот наеднаш стана многу интересен за сите европски лидери. Дневно велат упатените имам покани да разговарам со најмалку двајца премиери, еден претседател и други високи претставници на земји членки на Унијата. Видливо е дека врз Бугарија се врши силен притисок. Но да не заборавиме дека Бугарија сепак е членка на Европската Унија и тоа значи многу, а дека таа ќе се обрати и до другите членки на ЕУ за солидарност е повеќе од сигурно. Најважно е Бугарија, како одговорна членка, да не дозволи да се внесат многу проблеми во Унијата, вели бугарскиот претседател Радев кој се погрижи да се вратиме на грдата реалност.

Инаку да го подвлечам и тоа дека по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, македонска владина делегација, предвидена од премиерот Зоран Заев положи свежо цвеќе пред споменикот на светите браќа, патрони на првиот државен универзитет во Скопје. Со полагањето цвеќе во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, се одбележува просветителската мисија и извонредната улога, која браќата Кирил и Методиј ја имаат во историјата и културата на Европа, светот и Северна Македонија, а изразена преку нивната мисија меѓу словенските народи во деветтиот век. Свеченото одбележување на овој празник од страна на Република Северна Македонија е уште една силна порака до Софија, дека Македонија нема никаква намера да се откаже од својот национален идентитет и својот јазик, чиј значаен атрибут е глаголицата измислена токму од овие двајца просветлители, кои од повеќето словенски земји во Европа се прифатени како Македонци. Така што глаголицата, од која подоцна ќе се создаде кирилицата, е основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо.

Автор на програмата е Ремзи ЏАНОВА, новинар во Скопје.



Слични вести