Слободата на медиумите во Македонија два чекори напред / еден назад

Анализа на Ремзи ЏАНОВА, новинар во Скопје

1626743
Слободата на медиумите во Македонија два чекори напред / еден назад

 

За време на 12 годишното владеење на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, односно владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Република Македонија од страна на разни меѓународни организации и тела на Европската Унија кои мониторираат, беше прогласена за заробена држава. Во тие рамки особено (не)слободата на медиумите беше во вистинска смисла на зборот во катастрофална состојба. Заканите од владини претставници, онлајн малтретирањето и вербалните напади кон новинарите на социјалните мрежи беа најчестите проблеми забележани за време на режимот. За време на дванаесетте  години додека беше премиер, Груевски создаде ниво на контрола на медиумите какво што немаше на Балканот и многу водечки опозициски медиуми мораа да запрат со работа. Пред сѐ, националниот радио и телевизиски радиодифузен сервис, кој сѐ уште му служи на поранешната партија на власт, а денес опозиција, партијата на ВМРО-ДПМНЕ, за жал се уште е едно од најгорливите проблеми, кога станува збор за заробеноста на медиумскиот простор.

Иако Република Северна Македонија, со промена на власта, земјата напредна за две места на ранг-листата на Репортери без граници (РБГ) за слобода на медиумите, од организацијата оценуваат дека медиумската ситуација во Република Северна Македонија се влошува. Експертите укажуваат на тоа дека пред државата заедно со медиумите, на тој план треба да се извршат голем број задачи, се со цел да се дојде до една нормална состојба. Организацијата Репортери без граници (РБГ) во најновиот извештај за слободата на медиумите во Северна Македонија, тврди дека ваквата пракса само „ја засили закотвената култура на неказнивност“. Дополнителна компликација во известувањето е пандемијата на коронавирусот, се оценува во извештајот. На табелата на Репортери без граници, Република Северна Македонија се наоѓа на 90 место во светот според слободата на медиумите.

Тоа е напредок за две места во однос на минатата година и највисоко рангирање од 2013 година досега. Од земјите во регионот, пред С. Македонија се Словенија, Хрватска, БиХ, Албанија и Косово, додека зад неа се најдоа Унгарија, Србија, Црна Гора и Бугарија. Познавачите на оваа тематика велат дека „Подобрувањето на рангирањето на Република Северна Македонија, на оваа листа е охрабрувачки, но далеку од доволен индикатор дека работите во медиумската сфера во земјава се добри“. Имајќи го во предвид сево ова, очигледно е дека пред медиумите и власта постои цел список на “домашни“ задачи кои треба да се реализираат. Репортери без граници“ потенцира дека актуелната влада ги скратила рекламите во медиумите, што беше моќен инструмент на претходната власт со цел да се има контрола врз медиумите и за злоупотреба на државни средства“. Сепак, „општините може да се рекламираат во локални медиуми и тоа останува инструмент за притисок. Во извештајот се фали подобрувањата во сферата на саморегулацијата и работните стандарди на новинарите, како Регистерот на професионални онлајн-медиуми и Повелбата за условите за работа на новинарите и нацртот на договор за фер вработување на новинари и медиумски работници во дигиталните медиуми.

Но остануваат се уште сериозни задачи кои треба да се реализираат. На пример, усогласувањето на медиумските закони со европските правила, економската средина во која функционираат медиумите, новинарските права и условите за работа, транспарентноста на институциите, справувањето со информацискиот неред и дезинформациите, или сега како се нарекуваат фејк нјуз, предизвикани од социјалните медиуми и злоупотребите на интернет просторот за пропаганда и хибридни закани се само дел од проблемите што мора да се адресираат низ структурен дијалог, не само на власта, туку и на сите општествени чинители во земјата. Познавачите укажуваат и на тоа дека, колку порано ќе се започне со овој процес, толку подобро ќе биде за сите, вклучително и за имиџот на државата преку ваквите меѓународни рангирања“.

Кога сме кај рангирањето на земјите по слободата на медиумите од останатите земји од Западниот Балкан, најдобро рангирана е Босна и Херцеговина, која е на 62. место. Хрватска е на 69. место на ранг-листата, Грција на 74., Албанија на 75. Србија на 76., Косово на 78., а Црна Гора на 103. место.

Анализа на Ремзи ЏАНОВА, новинар во Скопје.



Слични вести