Вчера министерот Бектеши престојуваше во посета на Турција
На меѓуделегациската средба беа разменети мислења за трговските и економските односи помеѓу Турција и Северна Македонија, како и можностите за продлабочување на истите

Министерката за трговија на Турција Рухсар Пекџан оствари средба со министерот за економија на Република Северна Македонија, Крешник Бектеши, кој престојуваше во посета на Турција и одржа средби со високи претставници.
На меѓуделегациската средба што се одржа во Министерството за трговија во Анкара, беа разменети мислења за трговските и економските односи помеѓу Турција и Северна Македонија, како и можностите за продлабочување на истите.
На состанокот беше донесена одлука за започнување на преговорите за ажурирање на Договорот за слободна трговија помеѓу двете земји, што е во сила од 2001 година и дава значаен придонес во трговските односи, како и за проширување на истиот договор со цел во него да биде вклучен и услужниот сектор.
Страните на состанокот се осврнаа и на можностите за унапредување на соработката меѓу двете земји, а беше упатен и апел за зголемување на инвестициите.
Во тие рамки беше постигната согласност во најкраток можен рок во текот на годината да се одржи состанокот на Мешовитата економска комисија, како и форум за инвестиции во првата половина на оваа година.
Од друга страна, беа разгледани можностите за поголемо учество на турските фирми во енергетските проекти во Северна Македонија.