Претседателот на Уставниот суд на Северна Македонија Салих Мурат по посетата на Турција се состана со премиерот Зоран Заев
Во соопштението на прес-службата на Владата на РСМ се вели следното: „Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија Салих Мурат го информираше премиерот Заев за неодамна остварената посета на Турција...“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев имаше средба со претседателот на Уставниот суд Салих Мурат со кој разговараа за неколку актуелни прашања од сферата на уставното судство и правосудството.
„Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија Салих Мурат го информираше премиерот Заев за неодамна остварената посета на Турција каде што нашата делегација на Уставниот суд оствари средби со највисоки претставници на уставното право на Турција, како и со претставници на правосудните и политичките институции на оваа земја на кои било разговарано за можната соработка, особено во делот на размената на искуства од работата на судските институции во двете земји", се вели во соопштението на прес-службата на Владата на РСМ.
Како што се соопштува, на средбата меѓу претседателот на Владата Заев и претседателот на Уставниот суд Мурат стана збор и за „целосната поддршка која Владата ја пружа за јакнење на капацитетите и независноста на судските институции во сите инстанци, вклучително и независноста на Уставниот суд, како основен предуслов за владеење на правото и правната држава."
Двајцата соговорници на средбата се согласија и за неопходноста од натамошно обезбедување на материјалната и финансиска самостојност на работењето на Уставниот суд и другите институции во правосудниот систем за целосното остварување на нивната независност согласно принципите за поделба на власта во општеството.
„Заев и Мурат се согласни дека Уставниот суд треба да продолжи да ги следи и практикува меѓународните стандарди и искуства кога е во прашање домашното уставно право", информираат од Владата. (Агенција Анадолија-АА)