Претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот за прогласување на Законот за попис на населението

Како што се истакнува од кабинетот на претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски указот за прогласување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите е потпишан по извршените консултации со правни експерти

1570845
Претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот за прогласување на Законот за попис на населението

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, го потпиша указот за прогласување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија, кој треба да се одржи во април.

Од Кабинетот на претседателот се вели дека Пендаровски очекува процесот на спроведување на пописот да не се политизира, а добиените податоци да бидат од корист за севкупниот развој, со што, како што е соопштено, ќе се овозможи формулирање на долгорочни стратегии во виталните области во државата.

Минатата недела, Собранието на Северна Македонија, со 62 гласа „за“ и ниту еден „против“ го изгласа Предлог-законот за пописот.

Пописот ќе се спроведува во периодот од 1 до 21 април 2021 година, со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително ќе се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.

Во земјата првиот попис е одржан во 1948 година. Досега се спроведени осум пописи, а последниот во 2002 година, според кој бројот на населението изнесуваше 2.022.547. Во 2011 година почна да се реализира попис, кој беше прекинат, откако членовите на Пописната комисија поднесоа колективна и неотповиклива оставка. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести