Собранието на Северна Македонија го изгласа Законот за попис на населението

Во рамките на продолжението на 29. седница со 62 гласа „за“ , без „воздржани“ и без „против“, Собранието го донесе Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во април 2021 година

1568959
Собранието на Северна Македонија го изгласа Законот за попис на населението

Собранието на Република Северна Македонија го изгласа Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во земјата, кој треба да се одржи во април годинава. Со овој закон треба да се овозможи во Северна Македонија да се спроведе попис по 19 години.

Во рамки на продолжението на 29. седница со 62 гласа „за“ , без „воздржани“ и без „против“, Собранието го донесе Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во 2021. За пописот гласаа и 29 пратеници припадници на етничките заедници.

За Законот гласаа пратениците од владејачкото мнозинство, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Демократската унија на Албаниците (ДУИ) ДУИ и Беса, и опозициската Алијанса на Албанците и Алтернатива. Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во гласањето. Оттаму претходно најавија дека ќе собираат потписи од граѓаните за поништување на овој закон.

Според претходните излагања од опозицијата, таа смета дека не е вистински момент за попис поради пандемијата и поднесе неколку амандмани кои беа одбиени. Меѓу амандманите беше и предлогот при спроведување на пописот да се употреби и опрема за скенирање отпечатоци од прст.

Пред гласањето во неколку процедурални забелешки опозицијата ги искажа своите забелешки за Законот и причините за недовербата во процесот.

„Последниве денови се лицитира со проценти и со признавање и непризнавање на резултатите од пописот, што ми дава за право дека нашите забелешки се оправдани, врзаниот попис има улога. Пописот од статистичка преминува во политичка операција. Затоа констатираме дека ваквото предложено законско решение нема да биде објективно и фер, пописот нема да биде релевантен и реален попис“, рече пратеникот Никола Мицевски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во процедуралното обраќање.

Откако Собранието го изгласа Предлог-законот за пописот, изјава за медиумите даде пратеничката од СДСМ Жаклина Лазаревска. Таа истакна дека со задоволство го изгласале законот, дека Државниот завод за статистика процесот ќе го спроведе на најдобар можен начин и дека пописот ќе биде статистичка операција.

„Со 62 „за“ и ниту еден „против“, ние го изгласавме и сметаме дека на државата, односно на спроведувачите на пописот им дадовме многу убава рамка за спроведување на добар, статистички издржан процес, кој ќе се одвива во нашата држава", изјави Лазаревска.

Пописот ќе се спроведува во периодот од 1 до 21 април 2021 година, со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително ќе се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.

Потсетуваме, расправата за Предлог-законот во Собранието, со којшто ќе се овозможи во државава да се спроведе попис по 19 години, заврши на 15 јануари.

Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Досега се спроведени осум пописи, а последниот во 2002 година, според кој бројот на населението изнесуваше 2.022.547. Во 2011 година почна да се реализира попис, кој беше прекинат, откако членовите на Пописната комисија поднесоа колективна и неотповиклива оставка. (Агенција Анадолија-АА)

 



Слични вести