Дали ќе заврши времето на „наши“ и „ваши“?

Според новиот правилник од први јануари веќе започна да се оценува работата на обвинителите

1559011
Дали ќе заврши времето на „наши“ и „ваши“?

                       

Како и секој народ во светот, така и народот овде во Република Северна Македонија во новата 2021 година влезе со нови надежи и очекувања, најавени уште пред крајот на старата година. Владата на премиерот Зоран Заев по дебаклот со Бугарија од која доби една неочекувана и непријатна шлаканица, како да се најде во нокдаун и како грогиран боксер, реши да го надокнади она што не само во времето на овој старо-нов состав на владата, туку и во претходната влада која траеше речиси цели три години. Лично премиерот Заев и речиси половина владин состав во изминативе нецели четири години пропушти да ги оствари, ако ништо барем темелните ветувања со кои широкоградо се расфрлуваше за време на предизборните пропагандни собири. Владата на Заев иако се состои од вкупно 20 члена, како целиот состав на владата да беше ангажиран во процесот за интеграција на земјата со Евроатлантските структури, а сето друго беше запоставено.

Но сега кога Бугарија како да ги згасна аспирациите на Зоран Заев и неговата влада за почеток на преговори со Унијата, тој и неговите министри како да решија веќе да ги остварат барем делумно дадените ветувања и очекувањата на избирачите. Како прва и според многумина неодложна промена која треба да се направи е расчистување со корумпираното и неажурно судство во државата. Владата на Заев и неговиот амбициозен млад министер Бојан Маричиќ под итно треба да го спроведат долго најавуваниот ветинг на корумпираните судии и јавни обвинители. Инаку Премиерот Заев најави дека расчистувањето со корумпираното судство започнува веднаш. Како стојат работите проветрувањето во правосудството може да започне, оценуваат надлежните. Со интерни документи се исцртани правилата на игра по кои ќе се оценуваат судиите и обвинителите. Веќе се поведоа дисциплински постапки против петмина јавни обвинители коишто направиле повреди во работењето, а еден обвинител од скопското обвинителство поднел оставка откако било утврдено дека подолго време чувал десетици предмети во фиока. Слични случаи имало и во другите обвинителства во земјата, како и во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. „Токму затоа е потребна филтрација и во редовите на обвинителите“, велат упатените.

Според новиот правилник од први јануари веќе започна да се оценува работата на обвинителите. Упатените со започнување на оценувањето на работата на обвинителите според новиот Правилник се смета дека ќе се зајакне одговорноста кај секој од нив. Досегашните критериуми на оценување на јавните обвинители, не беа соодветни.

Сега со новиот Закон за Основното Јавно Обвинителство (ОЈО) има 15 членови посветени на оваа проблематика, кои со новиот Правилник се разработуваат во делот на професионалноста и ефикасноста. „Оценувањето продолжува да го врши повисок јавен обвинител и тоа половина од предметите за разгледување ќе ги предложи самиот обвинител, а другата половина ќе бидат на предлог на неговиот претпоставен. Секако, доколку обвинителот не е согласен со одлуката од оценувањето, ќе има можност да се жали до Советот на јавни обвинители“. Ако се верува на министерот за правда Бојан Маричиќ, поминува времето на “наши“ и “ваши“ во судството на Република Северна Македонија. Но за да го видиме тоа ќе треба да се почека.

Автор на програмата е Ремзи Џанова, новинар во Скопје.



Слични вести