Владата на Северна Македонија донесе нов пакет рестриктивни мерки во борбата против Ковид-19

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче на заедничка прес-конференција информираа за одлуките на Владата за новиот пакет рестриктивни мерки, по препораките на Комисијата за заразни болести

1546124
Владата на Северна Македонија донесе нов пакет рестриктивни мерки во борбата против Ковид-19

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, соопшти дека Владата донела одлука угостителските објекти да работат до 18 часот и одлука за забрана за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор, со цел да се избегне зголемувањето на бројот на заразени од Ковид-19.

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче денеска одржаа заедничка прес-конференција, на која информираа за одлуките на Владата за новиот пакет рестриктивни мерки, по препораките на Комисијата за заразни болести.

Истакнувајќи дека мерките се однесуваат на ограничување на работното време од угостителските објекти и на забрана за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор, премиерот Заев рече дека мерките ќе важат од 18 декември до 20 јануари на полноќ.

„Владата донесе одлука угостителските објекти да работат до 18 часот, наместо досегашните до 21 часот. Мерката носи име ‘Празнувај одговорно‘. А целта е заштита од Ковид-19 во предвечерието на вакцинацијата“, нагласи Заев.

Тој упати апел до сите да се празнува одговорно оваа година.

„Овој пат мораме да избереме меѓу задоволството и профитот од една страна, и одговорноста и здравјето од друга страна“, додаде премиерот Заев.

Министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека состојбата со коронавирусот во земјата останува стабилна, но и натаму има голем број заболени и хоспитализирани лица.

Во однос на вакцините за коронавирусот, министерот Филипче, наведувајќи дека подготовката за прием, дистрибуција и вакцинација се одвива со одлична динамика, потсети дека вакцините ќе бидат бесплатни за сите граѓани.

Осврнувајќи се на новите рестриктивни мерки, Филипче апелираше да не се излегува од домовите по 18 часот, без некоја посебна причина.

„Потребно е сите заедно да бидеме одговорни за важноста на овие мерки, но и да не дозволиме најубавите мигови во семејството да се претворат во лоши спомени и овој празничен период да прославиме одговорно. Славењето може да почека, здравјето не“, нагласи Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Филипче рече дека вакцините треба да пристигнат во месец март. (Агенција Анадолија-АА)

 



Слични вести