Шаќир Фетаху и официјално претседател на Исламската верска заедница на РСМ

Откако се прочита свечениот декрет „Меншура“ на седум јазици, Фетаху положи заклетва за официјално преземање на должноста

1535351
Шаќир Фетаху и официјално претседател на Исламската верска заедница на РСМ

 

Шаќир Фетаху, кој пред неколку дена беше избран за претседател на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија, денес на свечена церемонија официјално ја презеде функцијата на која му беше врачен декретот „Меншура“, од страна на Ријасетот на ИВЗ.

На настанот што се одржа во џамијата „Мустафа Паша" во Скопје присуствуваа претставници на ИБЗ, претставници на државни институции на земјата, почнувајќи од генералниот секретар на Владата на Северна Македонија, Мухамед Зекири, во својство на претставник на премиерот Зоран Заев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа, заменици министри, пратеници, градоначалници и други функционери, претседатели и претставници на политичките партии во земјата, албански, турски, ромски и бошњачки субјекти.

На церемонијата присуствуваа и претставници на верските заедници од регионот и претставници на странски претставиштва во земјата, вклучително и од Турција, како советникот за верски прашања во амбасадата на Турција, Мурат Алкан, директорот на институтот „Јунус Емре" - Скопје, Серхат Кула, и директорот на турската фондација „Маариф“ за Северна Македонија, Мустафа Дилиоглу.

Откако се прочита свечениот декрет „Меншура“ на седум јазици, Фетаху положи заклетва за официјално преземање на должноста.

Инаку, Шаќир Фетаху беше избран за претседател на ИВЗ на изборите што ги одржа оваа верска институција на 18 ноември.

Распишувањето на изборите за претседател на ИВЗ, оваа верска институција ги објави на 13 ноември, кога ги објави и условите за поднесување кандидатури. На 17 ноември, Изборната комисија на ИВЗ одржа состанок за разгледување на пристигнатите кандидатури за изборот за претседател на ИВЗ, каде од три пристигнати беа верификувани две кандидатури, на Фетаху и на тетовскиот муфтија, Ќани Несими.

Потсетуваме, на 27 мај оваа година, Риjасетот на ИВЗ одржа вонредна седница на која донесе одлука за разрешување на тогашниот претседател Сулејман Реџепи, и како што соопштија оттаму, до подготвување на условите за нови избори за в.д. претседател на ИВЗ беше именуван гостиварскиот муфтија Шаќир Фетаху.

На 30 мај, Сулејман Реџепи, преку писмено соопштение објави дека поднел неотповиклива оставка од функцијата претседател на ИВЗ.



Слични вести