Пендаровски: Советот за безбедност на Северна Македонија ќе ѝ предложи на Владата да прогласи кризна состојба

Советот за безбедност заседаваше за актуелната состојба во земјата со пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) и активностите на надлежните институции за спречување на ширењето на овој вирус

1530854
Пендаровски: Советот за безбедност на Северна Македонија ќе ѝ предложи на Владата да прогласи кризна состојба

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по состанокот на Советот на безбедност соопшти дека Советот ќе ѝ предложи на Владата да прогласи кризна состојба во земјата во временски период од 30 дена.

Советот за безбедност, свикан од страна на претседателот Пендаровски, на кој, покрај членовите на Советот поканет беше и министерот за здравство, Венко Филипче, разговараше за актуелната состојба во земјата со пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) и активностите на надлежните институции за спречување на ширењето на овој вирус.

По средбата, на заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев и министерот Филипче, претседателот на државата Пендаровски нагласи дека Филипче го информирал Советот за капацитетот на болниците и за големиот број пациенти во болниците, додека Заев информирал за работата и ангажираноста на надлежните институции во спречување на ширењето на пандемијата.

„Состојбата со коронавирусот кај нас е исклучително сериозна. Тоа што буквално во сите земји од нашето опкружување, од регионот, во цела Европа и во светот, практично без исклучок, ситуацијата е исто така многу лоша, далеку полоша од пролетниот врв на заразени и починати, не значи дека не треба да размислуваме евентуално за нови мерки или да ги преиспитуваме ефектите на постојните, со цел да го ограничиме ширењето на вирусот. Во таа смисла, донесовме заклучок Советот за безбедност да ѝ предложи на Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на Северна Македонија во траење од 30 дена“, рече Пендаровски.

Претседателот нагласи дека прогласувањето кризна состојба овозможува Законот за одбрана и Законот за справување со кризи да нудат пошироки можности за Армијата да даде поддршка на надлежните институции, особено на здравствените институции.

Според Пендаровски, друго нешто што е значајно за кризната состојба е дека на Владата ѝ овозможува да ги менаџира ресурсите на државните органи, јавните претпријатија, општините, како и на трговските друштва, што во случајот се приватните здравствени објекти.

„Не станува збор за национализација на приватните болници, туку евентуално за управување со нив во битка против пандемијата“, нагласи Пендаровски, укажувајќи на приватните здравствени објекти.

Премиерот Заев во своето излагање рече дека Владата и нејзините институции се целосно подготвени, затоа што можноста била најавена.

„Сега по носењето на одлуката се враќам во Владата и ќе ги дадам наредбите за стартување на управувачкиот комитет, кој треба во најбрз рок да предложи до Владата прогласување кризна состојба. Најдоцна до утревечер ќе ја одржиме седницата на Владата, и ако бидат подготвени сите институции во делот на правно-формалниот аспект за неопходноста за прогласување кризна состојба, ние сме подготвени и вечерва тоа да го направиме. Но, најдоцна утревечер убеден сум дека ќе стигнеме да прогласиме 30 дена кризна состојба“, истакна Заев.

Министерот Филипче, укажувајќи на пренатрупаноста на капацитетите на болниците, нагласи дека нѐ очекува критичен период во кој ќе има потреба за дополнителни капацитети во болниците.

Моментално во Северна Македонија во сила се неколку мерки против ширењето на пандемијата, вклучувајќи го задолжителното носење маски во затворени и отворени простории, работа на хотелиерските објекти, рестораните и кафулињата до 21:00 часот, како и забранување на собири повеќе од четири лица во внатрешни или надворешни простори.

Претседателот Пендаровски за првпат вонредна состојба низ земјата прогласи на 18 март. Потоа, тој неколкупати го ја продолжи вонредната состојба до 14 јуни кога целосно ја укина оваа мерка.

Исто така, во земјата беше спроведен полициски час со одлука на Владата која започна на 22 март во различни временски периоди, и на 27 мај во рамки на мерките за ублажување беше донесена одлука за укинување на полицискиот час.

Во последните недели во Северна Македонија е значително зголемен бројот на откриени случаи со Ковид-19. Во последните 24 часа беа регистрирани рекордни 1.406 нови случаи и 21 починат.

Од почетокот на пандемијата, во Северна Македонија се откриени 50.015 случаи со Ковид-19, вклучувајќи 1.397 починати и 29.583 оздравени лица. Првиот случај со коронавирусот во земјата беше откриен на 26 февруари кај една жена која дошла од Италија, на 6 март беа откриени два други случаи, додека на 22 март беше регистриран првиот смртен случај од овој вирус. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести