Овој пат не е Букурешт туку Софија

Автор на програмата е Ремзи Џанова, новинар во Скопје

1526672
Овој пат не е Букурешт туку Софија

                    

Кога човек ќе помисли дека исцрпил одредена тема, како македонско-бугарските односи или како македонското менаџирање со кризата од ковид-19 и може да се посвети на глобална тема, како што се изборите во САД, се случуваат работи што не може да останат премолчени. Со месеци, соседна Бугарија врши притисок врз Република Северна Македонија зад сцената да се согласи на далекусежни отстапки за Бугарија да не стави вето на преговорите за пристап во ЕУ. Со една исправка, дека Република Бугарија на состанокот на амбасадорско ниво на земјите членки на Унијата веќе стави вето за започнување на пристапните преговори со Република Северна Македонија. Во последниве недели, барањата на Софија станаа јавни. Тие не само што се закануваат да го исфрлат од шините процесот на пристапување кон ЕУ за Република Северна Македонија, туку исто така ги газат под нозе вредностите на ЕУ. Министерката за надворешни работи на Бугарија Захариева, од една страна вели: никој нема право да негира туѓо самоопределување и таквото негирање е суштината на дискриминацијата и фашизам. Но од друга страна, таа истата Захариева бара Македонците да се откажат од својот идентитет и јазикот.

Барањата на Бугарија во однос на настанувањето на македонската нација и македонскиот јазик, деновите пред вклучувањето на Германија на овој спор наидоа на осуда во водечки медиуми и експерти од Западно Европските земји. Неделава се случија средби на министерско ниво во Берлин, како и комуникација на претседателско и премиерско ниво. Многу повеќе изјави дојдоа од бугарска страна отколку од македонска страна, што можеби е подобро во овој момент. Но тоа не значи дека некои од изјавите треба да бидат одмолчени од македонската страна, или да не бидат анализирани, особено бидејќи деновиве ќе биде познат исходот. Министерската Захариева става знак на еднаквост на правото на самоопределувањето на македонските граѓани со правото на самоопределување на бугарските граѓани да го негираат самоопределувањето на македонските граѓани. Иди па разбери ја.

Ова е веќе личи на „Букурешт-момент“, само овој пат не е Букурешт, туку Софија, која ги прекршува амбициите на Македонија за членство во ЕУ. Тука, мора да бидеме свесни за тоа и да се направи максимум за употреба на германската вклученост на највисоко ниво, иако Министерот за надворешни работи на Германија Хаико Маас во последен момент изјавувајќи: „Мора да го решите проблемот со Бугарија” удри една елегантна шлаканица и уште еднаш го покажа лицемерието на европските земји и нивните политичари. За жал, слушнавме многу говори од другата страна на границата. Преговорите мора да продолжат, Македоднија сè уште не се согласи за сите прашања да рече да. Бугарскиот премиер Борисов исто така и објасни на канцеларката Ангела Меркел дека напредокот не е доволен.

Во врска со работата на Заедничката бугарско-македонска комисија и договорот што историчарите го постигнале за 5 лица од средниот век, од наводната „заедничка историја“ важно е дека овој резултат не е објавен јавно и не е влезен во учебниците како што се очекуваше. Ова значи дека резултатот од нејзината работа е минимален бидејќи не стигнал до македонското општество.

Во различните јавни и дипломатски изјави и меморандуми, бугарската влада бара македонскиот јазик да не се нарекува како таков во разговорите за пристапување во ЕУ. Импликацијата е дека Бугарија може да се спротивстави на македонскиот јазик да стане официјален јазик на ЕУ. Но што е полошо ако Бугарија упорно истрае на овие свои гротескни и апсурдни барања, тогаш и влезот на Република Северна Македонија во ЕУ ќе биде доста неизвесно.

Автор на програмата е Ремзи Џанова, новинар во Скопје.



Слични вести