Помош од Град Скопје за настраданите во земјотресот во Измир

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, упати длабоко сочувство за настраданите до градоначалникот на Измир Тунч Сојер и му посака побрзо санирање на штетите и враќање на животот во нормала

1520454
Помош од Град Скопје за настраданите во земјотресот во Измир

Советот на Град Скопје на денешната 9-та вонредна седница донесе Одлука за давање помош во износ од 3 милиони денари (приближно 50.000 евра) на настраданите од катастрофалниот земјотрес во Измир.

„Со оваа одлука, како израз на солидарност за настраданите, Градот Скопје дава помош во износ од 3 милиони денари, износ што го доделуваме на сите градови за вакви и слични неприлики“, стои во соопштението на Град Скопје.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, на седницата изјави дека Скопје знае што значи солидарноста во време на природни катастрофи и затоа потребата да се помогне на нашите пријатели во неволја е нужна и неминовна.

Градоначалникот Шилегов, исто така, упати длабоко сочувство за настраданите до градоначалникот на Измир Тунч Сојер и му посака побрзо санирање на штетите и враќање на животот во нормала.

Информацијата беше соопштена од страна на Град Скопје на нивниот официјален профил на социјалната мрежа Инстаграм, споделувајќи фотографија на која пишуваше: „Скопје знае, Скопје сочувствува."

„Скопје е град што памети. Солидарноста е нашата највисока вредност. В понеделник Советот на Град Скопје ќе испрати помош за настраданите во Измир, а дотогаш нашите мисли се со луѓето под урнатините и спасувачките тимови.“ - беше наведено во објавата на Град Скопје.

Претходно пораки на сочувство до турскиот народ испратија државниот врв на Република Северна Македонија, претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

На 30 октомври во петокот попладне градот Измир беше погоден со земјотрес од 6,6 степени

Управата за елементарни непогоди и итни состојби (АФАД) при Министерството за внатрешни работи на Турција соопшти дека во петокот (30 октомври) попладне, во 14:51 часот по локално време е регистриран земјотрес во Егејското Море на 17 километри од брегот на населеното место Северихисар кај градот Измир.

Земјотресот се случи на длабочина од 16,54 километри и беше почувствуван во едно широко подрачје на градот Измир и околината, како и на грчките острови во Егејското Море на чело со островот Сисам (грчки Самос).

Најмногу беа погодени населеното место Сеферихисар и општините Бајракли и Борнова во Измир каде што 17 згради се срушени, а голем број згради се тешко или полесно оштетени.

Во погоденото подрачје се регистрирани повеќе од 1.120 последователни потреси од кои 43 со јачина од над 4 степени по Рихтер.

Бројот на загинатите во земјотресот, според најнови добиени информации се зголеми на 91 лице, 994 лица се повредени од кои 839 се излекувани и отпуштени од болница, а продолжува лекувањето на 155 повредени лица.

Во земјотресот се срушени 17 повеќеспратни згради од кои во 12 згради се завршени работите за пребарување и спасување, а непрекинато продолжуваат работите во 5 згради кадешто сѐ уште има затрупани граѓани. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести