Пораки со сочувство од државниот врв на Северна Македонија до турскиот народ за земјотресот во Измир

„Сочувство до турскиот народ за страшната трагедија која ја предизвика земјотресот во близина на Измир. Неколку човечки животи згаснаа, стотици лица се повредени, а материјалната штета е огромна" - истакна претседателот на Северна Македонија Пендаровски

1519238
Пораки со сочувство од државниот врв на Северна Македонија до турскиот народ за земјотресот во Измир
Türk Dışişleri Kuzey Makedonya Bağımsızlık Günü Mesaj.jpg

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски изрази сочувство до турскиот народ по повод земјотресот во Измир, во Турција.

„Сочувство до турскиот народ за страшната трагедија која ја предизвика земјотресот во близина на Измир. Неколку човечки животи згаснаа, стотици лица се повредени, а материјалната штета е огромна. Сочувство и до нашите грчки соседи за загубите во силниот земјотрес кој денеска покрај Турција, ја погоди и Грција, предизвикувајќи загуби на човечки животи, повредени лица и значителна материјална штета. Во нашите мисли се сите кои изгубија членови на своите семејства и свои блиски луѓе", напиша Пендаровски на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев, исто така на својот профил на социјалната мрежа Твитер го изрази своето сочувство до семејствата на жртвите и повредените во земјотресот во Измир.

„Вознемирувачки се сликите што пристигнуваат по големиот земјотрес во Измир, Турција. Во име на граѓаните и Владата на Република Северна Македонија, упатувам најискрено сочувство до фамилиите на жртвите и повредените. Се надеваме на брзо закрепнување од последиците“ - напиша премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев, во споделената објава на својот профил на социјалната мрежа Твитер, на македонски и на турски јазик.

Претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери, упати сочувство до семејствата на загинатите во земјотресот во Измир.

„Длабоко сочувство со народот на Република Турција по силниот земјотрес, којшто денес го погоди Измир. Искрено жалиме и сочувствуваме со семејствата на загинатите. На повредените им посакуваме брзо опоравување. Нашите молитви се со вас“- истакна Џафери во објавата на неговиот официјален профил на Фејсбук.

Сочувство до турскиот народ и до неговиот колега, министерот за надворешни работи на Република Турција Мевлут Чавушоглу, изрази и министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи.

„Внимателно ги следиме трагичните настани во Турција, предизвикани од земјотресот во Егејот. Нашите мисли и молитви се со оние што ги изгубија блиските и со другите погодени. Искрени зборови на поддршка и солидарност драг Мевлут Чавушоглу. Подготвени сме да помогнеме“- напиша Османи на социјалната мрежа Твитер.

Лидерот на главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, исто така изрази сочувство до семејствата на жртвите во земјотресот во Измир.

„Пријателскиот турски народ и Турција се соочи со сериозна природна непогода. Искрено сочувствувам со семејствата на жртвите од земјотресот во Измир и нашите молитви се за излекување на повредените од природната катастрофа.

Убеден сум дека Турција и турскиот народ ќе излезат посилни и пообединети од оваа непогода. Како жител на Скопје - град кој ја почувствувал жестината на разорниот земјотрес и чии темели се основани на солидарност и хуманост, верувам дека и Измир и погодените региони брзо ќе се вратат во нормалните текови и ќе дојде до израз меѓусебната помош, разбирање и хуманост.“ - напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во својата порака со сочувство до семејствата на жртвите во земјотресот во Измир.

 



Слични вести