Балканот како да е сеуште заглавен во средниот век

Автор на програмата е Ремзи Џанова, новинар во Скопје

1492433
Балканот како да е сеуште заглавен во средниот век

 

Деновиве се поактуелен станува потпишаниот договор за пријателство помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Неупатените со право ќе се прашаат зошто? Од проста причина што од Софија пристигнуваат полуофицијални па и официјални пораки, дека Република Бугарија ќе ги закочи преговорите на Македонија со ЕУ кои би требало да започнат до крајот на оваа година. А причината наводно е дека по вина на македонската страна закочена е работата на комисијата формирана од страна на двете земји, која би ги расчистиле сите спорни прашања од историјата на двете земји, кои дури начнуваат и сериозни идентитетски прашања. Иако вината ја носи бугарската страна од причина што во таа земја се одржаа избори, а потоа се појави политичка криза, која сеуште трае. За добрите познавачи на македонско-бугарските односи познато е дека се работи за националниот идентитет на некои македонски историски личности за кои Бугарите тврдат дека се Бугари. Почнувајќи од цар Самоил па се до Гоце Делчев, постојат плејада имиња и историски настани кои претставуваат камен на сопнување, кој го кочи развојот на пријателските односи меѓу двете земји. Од тие причини некои интелектуалци се прашуваат: „Зошто народите од Балканот се заглавени сеуште во средниот век, а минатото го сметаат за табу тема?“ Некои велат дека тоа се должи на тоа дека балканските народи немаат сигурен и стабилен идентитет, што и може да се спори. Затоа, како што вели еден наш познат колумнист, што тие „националните наративи ги гледаат како продолжување на освојувачките војни од минатото со силата на историските митологии. Затоа што со историски ревизионизам се обидуваат да се култивираат во вечни жртви на историјата.” Сиве овие работи најчесто  изгледаат како неверојатни. Политичка неписменост или едноставно како несфатлива ароганција на високи политичари од земјиве на Балканот. Бидејќи постојаното инсистирање само на „мојата вистина“ создава спротивен ефект и се повеќе овие народи, овие држави како да ги турка се подлабоко во калта на средниот век.

Упорноста на бугарската страна македонскиот јазик да го прикаже е само како дијалект на бугарскиот јазик, како што потенцирав погоре создава спротивен ефект. Затоа неразбирливи се бугарските закани со блокади на  патот на Северна Република Македонија која веќе го има поминато. Ваквите ригидни ставови, историски толкувања не само што претставуваат „фолклор“ на овие народи, туку и доказ дека на Балканот, иако речиси сите земји од овој регион се стремат да бидат членки на ЕУ, сеуште е сцена на немилосрден натпревар на националистичките историски наративи. Некои историчари велат дека „Само општества што паметат, се способни да се променат“. Веројатно од тие причини на земјите од Балканот нешто баш не им оди.

Едно е сигурно дека во различни периоди, некои историски настани и личности многу често се вкрстувале и наместо тоа да се покаже како богатство на сите, бугарските историчари ги фаќа амнезија, кога се во прашање некои црни петли на Бугарија, како што се соработката со национал-социјалистите на Адолф Хитлер, како и насилната асимилација на околу 2 милиони Турци, државјани на Бугарија, кога со примена на сила и терор се обидоа да го сменат националниот идентитет на Турците кои живеја и сеуште живеат во Бугарија. Некои познавачи на историјата велат „Само општествата што паметат, се способни да се променат.“ Тие што искрено посакуваат мир и соработка, пријателство и добрососедски односи темелени на овие вредности, треба да бидат толерантни и на некои различити видувања на историјата и историските личности. Крај на крајиштата, ако веќе официјална Софија бара расчистување на некои настани и личности од историјата, би можело да се почне со расчистување и со некои прашања од поново време, од Втората светска војна на пример, а не од средниот век. Кога бугарските војници заедно со војниците на Хитлер ја окупираа Македонија. Ако држи тезата на Бугарија дека Македонците се дел од бугарското национално ткиво, тогаш се наметнува прашањето: „Зошто бугарската армија во Втората светска војна го окупира и изврши зверства врз „својот народ?“

Автор на програмата е Ремзи Џанова, новинар во Скопје.



Слични вести