Заев: 8 Септември-Денот на независноста, ден кога се обединивме за да создаваме заеднички дом за сите

Заев рече: Огромното мнозинство граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и другите го сочуваа мирот во земјата и 8 Септември-Денот на независноста останува запаметен и како ден кога се обединивме за да создаваме заеднички дом за сите

1487075
Заев: 8 Септември-Денот на независноста, ден кога се обединивме за да создаваме заеднички дом за сите

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во обраќањето по повод 8 Септември – Денот на независноста истакна дека стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја.

Во Северна Македонија денеска се одбележуваат 29 години од независноста, односно од успешно спроведениот референдум во 1991 година на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Во организација на Владата, централната свеченост по повод 8 Септември - Денот на независноста се одржа на платото пред зградата на Владата. Свеченоста започна со чинот на менување на знамињата пред платото на Владата, по што беше интонирана македонската химна.

Премиерот Зоран Заев во обраќањето пред претставниците на државниот врв, бројните гости и дипломатскиот кор истакна дека пред 29 години, на 8 септември, граѓаните на Република Македонија на сите идни поколенија на оваа земја им го дадоа најголемиот подарок - независна држава.

„Стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја. Идеал, кој за многу генерации беше само мечта. Пред речиси три децении, по 46 години државност во рамките на сојузот на поранешните југословенски држави, на 8 септември 1991 година независноста на нашата држава стана реалност“, нагласи премиерот Зоран Заев.

„Патот на независноста“, како што рече Заев, „во овој турбулентен воен период за нашиот дел од Европа воопшто не беше лесен, ниту пак, извесен.“

Истакнувајќи дека огромното мнозинство граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и другите го сочувале мирот во земјата, премиерот Заев рече дека 8 Септември - Денот на независноста останува запаметен и како ден кога се обединивме за да создаваме заеднички дом за сите.

„Денес, нашата држава има сосема извесна европска иднина со повеќе надеж, благосостојба и просперитет на сите нејзини граѓани ослободени од стравовите и предрасудите од минатото. Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници - општество за сите“, рече премиерот Заев.

Според премиерот, Северна Македонија ја има неповторливата можност да седне на своето столче на масата на европските држави.

„Тоа е шанса која нема да ја пропуштиме. Почитувани граѓани, да го зграбиме моментот и самоуверено сите заедно да зачекориме кон европскиот пат: Слободни и отворени кон светот. Ја славиме независноста.“

Наведувајќи дека новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа, Заев рече дека законите се донесени и дека сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести