Собранието на Република Северна Македонија ја изгласа новата Влада

Премиерот Заев од собраниската говорница вети подобар стандард и подобра перспектива на граѓаните

1481943
Собранието на Република Северна Македонија ја изгласа новата Влада

Со 62 гласа „за", 51 „против" и ниту еден воздржан по дводневната расправа Собранието на Република Северна Македонија ја изгласа новата Влада, јавува Агенција Анадолија (АА).

На седницата на Собранието на Република Северна Македонија за избор на Владата од вкупно 120 присуствуваа 113 пратеници.

За претседател на Владата избран е Зоран Заев, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и коалицијата „Можеме", која на последните предвремени парламентарни избори одржани на 15 јули освои најголем број пратенички места во Собранието (46).

На функцијата претседател на Владата Заев беше избран и во јуни во 2017 година, а оваа функција ја вршеше до 3 јануари оваа година, кога поднесе оставка поради избор на техничка влада која беше задолжена да ги организира предвремените парламентарни избори кои беа закажани за 12 април, а потоа поради состојбата со коронавирусот (Ковид-19) беа одложени за 15 јули.

Пред пратениците да ја гласаат Владата свое обраќање во Собранието имаше Заев кој од собраниската говорница вети подобар стандард и подобра перспектива на граѓаните. Тој рече дека новата Влада ќе работи за сите граѓани да имаат правен систем во кој граѓаните ќе веруваат. Заев истакна дека тие како Влада ќе служат чесно и одговорно и ќе бидат сервис на граѓаните.

„Со нашата посветеност и заедничка работа ќе имаме земја и институции со кои сите ќе се гордеееме", истакна Заев кој најави целосна посветеност на економијата и меѓу другото, вети стабилен политички период и период на предвидливост.

Во новата влада 11 членови има СДСМ, 6 ДУИ, додека партиите Беса и ЛДП, предизборни коалициони партнери на СДСМ имаат по едно министерско место.

За прв вицепремиер и министер за политички систем избран е пратеникот од ДУИ Артан Груби. За вицепремиер за европски прашања избран е Никола Димитров од редовите на СДСМ, досегашен министер за надворешни работи, а за вицепремиер за борба против корупцијата избран е Љупчо Николовски од СДСМ, поранешен министер за земјоделство. За вицепремиер за економија избран е Фатмир Битиќи од СДСМ.

За министри во новата Влада од редовите на СДСМ избрани се Радмила Шекеринска, досегашна министерка за одбрана која повторно ќе раководи со Министерството за одбрана, за министер за внатрешни работи избран е Оливер Спасовски, доскорешен технички премиер. Тој ја вршеше министерката функција во МВР пред почетокот на техничката Влада, која ја предводеше речиси девет месеци.

За министер за здравство е избран Венко Филипче, за министер за правда избран е Бојан Маричиќ. Во претходната Влада тој беше на позицијата Национален координатор за интеграција во ЕУ. За министер за труд и социјална политика избрана е Јахода Шахпаска.

За министер за образование и наука избрана е Мила Царовска, доскорешен вицепремиер за економски прашања, која имаше и министерска функција во Министерството за труд и социјална политика во досегашната Влада. Со Министерството за транспорт и врски ќе раководи Благој Бочварски.

За министерка за култура избрана е Ирена Стефоска, исто така од СДСМ.

Од редовите на ДУИ за министри се избрани Бујар Османи, досегашниот вицепремиер задолжен за европски прашања кој ќе раководи со Министерството за надворешни работи, Фатмир Бесими избран е за министер за финансии, Крешник Бектеши досегашниот министер за економија повторно е избран на ова функција, а Јетон Шаќири избран е да раководи со Министерството за информатичко општество и администрација.

Со Министерството за животна средина и просторно планирање и понатаму ќе раководи Насер Нуредини од ДУИ, кој беше на оваа позиција и во претходната Влада.

Аријанит Хоџа од редовите на Беса, избран е за министер за земјоделство шумарство и водостопанство.

Горан Милевски од Либерално демократската партија (ЛДП) е избран за министер за локална самоуправа, функција која ја вршеше и во претходната влада.

Оваа влада е за седум министри помала од претходната и брои 19 членови и премиер.

Според процедурите, за да биде изгласана Владата во Собранието, потребно беше да гласаат мнозинството од пратениците, односно најмалку 61 од вкупно 120 пратеници колку што брои Собранието.

Потсетуваме, по предремените парламентарни изборите одржани на 15 јули, почнаа преговорите помеѓу политичките партии за состав на новата Влада. Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски на 13 август му додели мандатот за состав на новата влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој ја предводи коалицијата „Можеме" која освои најголем број гласови на изборите.

На 18 август, СДСМ и ДУИ соопштија дека постигнале договор за создавање парламентарно мнозинство во кое освен освие две партии ќе учествува и ДПА.

На 21 август се одржа продолжување на конститутивната седница на Собранието на Република Северна Македонија, при што за претседател на Собранието повторно беше избран Талат Џафери.

На предвемените парламентарни избори, според конечните официјални резултати на Државната изборна комисија (ДИК), најмногу пратенички мандати освои коалицијата „Можеме“, предводена од владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) односно 46, потоа ВМРО-ДПМНЕ 44, Демократската унија за интеграција (ДУИ) освои 15 мандати, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива освоија 12 мандати, Левица два мандат, а Демократската партија на Албанците освои еден мандат.



Слични вести