Претседателот Пендаровски мандатот за составување на нова Влада му го врачи на Заев

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски мандатот за составување на нова Влада му го врачи на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев

1472532
Претседателот Пендаровски мандатот за составување на нова Влада му го врачи на Заев

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, денеска му го врачи мандатот за состав на новата Влада на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев.

„Врз основа на член 84, став 1, алинеја прва, а во согласност со член 90, став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и предлогот на Коалицијата „Можеме“, за мандатор за состав на Влада на Република Северна Македонија го определувам Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието на Република Северна Македонија“, изјави претседателот Пендаровски на денешната свеченост во Претседателската вила „Водно“, организирана по повод доделување на мандатот.

Мандатарот Заев, по доделување на мандатот, изјави дека му претставува чест и одговорност, што, како што рече, согласно Уставот, како предводник на СДСМ и Коалицијата „Можеме“, кои освоија најмногу пратенички места во Парламентот, денеска го добива мандатот за составување на „нова демократска, политичка, одговорна, европска Влада, со институции кои уште повеќе и уште подобро ќе им служат на граѓаните“.

„Од овој момент во рок од 20 дена имаме задача да составиме предлог за програма и за кадри кои демократското мнозинство во Собранието ќе ги изгласа и со тоа ќе довери полн четиригодишен мандат на стабилна Влада која е подготвена да сработи, да служи, која ќе се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободена од каква било етничка предрасуда или каков било етнички национализам. Влада, која уште повеќе ќе го развива концептот едно општество за сите“, истакна Заев.

Тој додаде дека пред Собранието ќе испорача предлог за Влада составена од одговорни кадри кои ќе се борат со криминалот и корупцијата на сите нивоа, и дека владината програма ќе биде посветена на „новата македонска економија, која ќе води посебна и поголема грижа за најсиромашните граѓани“.

„Северна Македонија ќе добие влада која ќе го следи јасниот правец за кој е определено големото мнозинство граѓани, тоа е европскиот пат, патот на економијата и правдата, патот на просперитет и долгорочна стабилност, ќе водам влада која не знае за скршнување од патот кој по членството во НАТО води до членството во Европската Унија. Ќе водам влада која во целост ги почитува Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и Охридскиот рамковен договор“, потенцираше Заев.

По повод 19-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој се стави крај на тогашниот конфликт во земјата, Заев упати честитки до сите граѓани и оддаде почит на тогашниот претседател Борис Трајковски, за, како што рече: „големината да се создаде и прифати Охридскиот договор како решение кое денес овозможува да имаме релаксирани односи меѓу заедниците“.

Меѓу другото, Заев рече дека очекува најмногу 20 дена од денеска „Северна Македонија да добие ефикасна влада која веднаш ќе се посвети на предизвиците кои ги носи пандемијата од Ковид-19, влада која ќе работи на обезбедување на подобар живот за секој граѓанин“.

Потсетуваме, според официјалните податоци од Државната изборна комисија на предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули, Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, освои 46 пратенички мандати, Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ освои 44 мандати, Демократската унија за интеграција (ДУИ) освои 15 пратенички мандати, Коалицијата „Алијанса на Албанците“ и „Алтернатива“ освоија 12 пратенички мандати, Левица освои 2 пратенички мандати и Демократската партија на Албанците (ДПА) освои 1 пратенички мандат.

На изборите за 120 места во Собранието на Република Северна Македонија учествуваа 15 коалиции и политички партии со повеќе од 1.500 кандидати. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести