Бугарскиот премиер Бојко Борисов и покрај протестите го „преживеа“ гласањето доверба

На гласањето во Парламентот составен од вкупно 240 пратенички места, за доверба на Владата се изјаснија 124 пратеници, 102 пратеници гласаа „за“ недоверба, а 11 пратеници беа воздржани

1459441
Бугарскиот премиер Бојко Борисов и покрај протестите го „преживеа“ гласањето доверба

Владата на премиерот Бојко Борисов во Бугарија конечно ја доби довербата на Парламентот, со што го преживеа гласањето за недоверба што го бараа опозициските социјалисти, кои ја обвинуваат дека не успеала да ја искорени ендемската корупција.

На гласањето во Парламентот составен од вкупно 240 пратенички места, за доверба на Владата се изјаснија 124 пратеници, 102 пратеници гласаа „за“ недоверба, а 11 пратеници беа воздржани.

Премиерот Бојко Борисов по добиената доверба истакна дека ќе размисли за ревизија на Кабинетот, меѓутоа напомена дека нема да се оди на предвремени избори во земјата. 

Инаку, веќе речиси две недели како илјадници бугарски граѓани протестираат против владата на премиерот Борисов поради корупцијата.

Голем број демонстранти се собраа пред Парламентот и за време на гласањето за недоверба, при што беа отворени транспаренти на коишто беше напишано „Оставка“ и „Затвор“, а воедно беа извикувани и слогани дека ќе продолжат со антивладините протести.

Инаку, антивладините протести во главниот град Софија започнаа по апсењето на двајца советници на бугарскиот претседател Румен Радев, по што се проширија и во другите поголеми градови, а воедно и претседателот Радев истакна дека владата треба да поднесе оставка и да се оди на предвремени избори.

Премиерот Бојко Борисов пак, ја побара оставката на министрите за финансии, економија и внатрешни работи.



Слични вести