ДИК: СДСМ освои 46 мандати (327.329 гласови), ВМРО-ДПМНЕ 44 мандати (315.344 гласови)

ДИК: „Коалцијата „Можеме" предводена од СДСМ освои 46 мандати, Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ 44 мандати, Демократската унија за интеграција (ДУИ) 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица 2 мандати, ДПА 1 мандат

1456481
ДИК: СДСМ освои 46 мандати (327.329 гласови), ВМРО-ДПМНЕ 44 мандати (315.344 гласови)

Коалицијата „Можеме" предводена од владејачкиот Социјал-демократски сојуз на Македонија (СДСМ) освои 327.329 гласови на предвремените парламентарни избори на Република Северна Македонија, што е најголем број освоени гласови на овие избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

ДИК согласно Изборниот законик на своја седница едногласно го донесе заклучокот за објавување на резултатите од гласањето за предвремените паралментарни избори кои се одржаа на 15 јули 2020 година врз основа на податоци од записниците на општинските изборни комисии.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски соопшти дека ДИК врз основа на записниците од општинските изборни комисии утврди дека од вкупниот број гласачи 1 814.236, правото на глас го искористиле вкупно 942.334 гласачи. Во проценти, излезноста на овие избори изнесува 51,94 отсто.

„Коалцијата „Можеме" предводена од СДСМ освои 327.329 гласови (46 мандати), Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и други освои 315.344 гласови (44 мандати), Демократската унија за интеграција (ДУИ) освои 104.587 гласови (15 мандати), Алијанса за Албанците и Алтернатива освоија 81.297 гласови (12 мандати), Левица 37, 551 глас (2 мандати), Демократска партија на Албанците (ДПА) 13.891 глас (1 мандат), Интегра 12.291 глас, ГДУ 3.555 гласа, МОРО 3.245 гласа, Глас за Македонија 2.801 глас, Единствена Македонија 2.604, СДУ 2.585 гласа, Твоја 1.894 гласа, Демократи 1.556 гласови и Народната парија на Ромите 1.225 гласови", изјави Дерковски на денешната седница на Државната изборна комисија на Северна Македонија.

Претседателот на ДИК информираше дека вкупниот број на важечки ливчиња изнесува 910.868, вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња изнесува 869.889, а вкупниот број на неважечки ливчиња изнесува 31.466.

Дерковски додаде дека ова се „конечни неофицијални резултати", објаснувајќи дека подносителите на листи можат да поднесат пригвор за утврдување на резултати кој има 48 часа рок и приговор за сумирање на резултатите, во рок од 48 часа, а ДИК има рок од 72 часа има рок да одговори по сите овие приговори.

Пршан од новинарите за хакерскиот напад на сајтот на ДИК, Дерковски рече дека се работи за „надворешен напад на сајтот на ДИК".

„Во текот на вчерашниот ден се случи хакерски напад на системот на ДИК односно на нашиот сајт кој предизвика би рекол не многу голема штета туку мало одложување на оперативната активност на ДИК. Притоа, се појавија разни шпекулации, разни лажни вести предизвикани од тие шпекулации.  Јас сакам одговорно во име на комисјата да ги демантирам сите тие шпекулации и да укажам на фактот дека ДИК работи согласно Изборниот законик каде точно се предвидени постапките за утврдување на резултатите", изјави Дерковски.

Поради актуелната пандемија на коронавирусот (Ковид-19), гласањето се одвиваше три дена. На 13 јули, гласаа болните од Ковид-19 и лицата во самоизолација, на 14 јули, своето право на глас можеа да го остварат болните и немоќни лица, граѓаните во старските домови, затворениците и раселените лица, а на 15 јули гласаа сите останати граѓани во земјава со право на глас.

На изборите за 120 места во Собранието на Република Северна Македонија учествуваа 15 коалиции и политички партии со повеќе од 1.500 кандидати.

Вклучително овие избори, во земјата досега се одржани вкупно 10 парламентарни избори.

По воведувањето на политичкиот плурализам, во земјата се одржани пет редовни парламентарни избори и четири предвремени парламентарни избори, и тоа во 2008, 2011, 2014 и 2016 година. Првите парламентарни избори се одржани кога земјата беше во состав на СФР Југославија, а останатите по прогласувањето на независноста во 1991 година. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести