Предвремени парламентарни избори во Северна Македонија

На денешните предвремени парламентарни избори имаат право на глас вкупно 1 милион 814 илјади 263 лица кои гласаат во 3.390 избирачки места во шест изборни единици на територијата на земјата меѓу 1.598 кандидати од 15 коалиции и политички партии

1455150
Предвремени парламентарни избори во Северна Македонија

Граѓаните на Република Северна Македонија денеска (15 јули 2020 година, среда) по 10-ти пат од осамостувањето и стекнувањето на државата со својата независност гласаат за новиот состав на Собранието составено од 120 пратенички места.

- Десети парламентарни, петти предвремени избори -

Денешните десети парламентарни избори, петти предвремени ќе бидат 23-то изборно изјаснување од осамостојувањето на државата.

Првите парламентарни избори беа одржани во 1990 година, вторите во 1994, третите во 1998, четвртите во 2002, петтите во 2006, шестите во 2008, седмите во 2011, осмите во 2014, а деветтите во 2016 година.

Покрај парламентраните, досега беа спроведени и шест претседателски избори и тоа во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година, како и седум локални во 1990, 1996, 2000, 2005, 2009, 2013 и 2017 година.

Македонските граѓани трипати излегоа и на референдум во 1991 година кога се одлучија за самостојна и независна држава, во 2004 година кога се изјаснуваа за новопредложената територијална поделба и во 2018 кога се изјаснуваа за договорот меѓу Македонија и Грција.

Денешните предвремени парламентарни избори во Северна Македонија поради состојбата со коронавирусот изборите се одвиват со посебни правила и протоколи, поради што наместо еден ден, се гласа три дена, односно на 13, 14 и 15 јули.

Изборната кампања започна на 24 јуни и траеше до 12 јули.

Според надлежни, на 13 и 14 јули гласаа болни и изнемоштени лица, вклучително и оние со Ковид-19, дома или во болници, сите што се во самоизолација и сите хронично болни граѓани.

Ова гласање го спроведуваа посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници и претставници на политичките партии.

- 1 милион 814 илјади 263 гласачи, во шест изборни единици -

Според Државната изборна комисија (ДИК) на Република Северна Македонија во избирачкиот список на денешните предвремени парламентарни избори имаат право на глас, односно се регистрирани вкупно 1 милион 814 илјади 263 лица кои гласаат во 3.390 избирачки места во шест изборни единици на територијата на земјата.

Според почитување на протоколите за заштита од Ковид-19, денеска (15 јули 2020 година, среда) гласањето е продолжено за два часа односно се гласа од 07:00 до 21:00 часот.

На изборите за 120 места во Собранието на Република Северна Македонија учествуваат 1.598 кандидати од 15 коалиции и политички партии.

- Изборна кампања -

Поради состојбата со Ковид-19, изборната кампања во најголем дел се одвиваше онлајн, а настаните во рамките на кампањата кои ги одржуваат политичките партии се одржаа на отворено и на нив присуствуваа ограничен број луѓе, се почитуваше физичкото растојание и беа носени маски.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), кој ја предводеше власта од јуни 2017 до изборот на техничката Влада во јануари оваа година, направи предизборна коалиција со албанската политичка партија Беса, но и со партиите на помалубројните етнички заедници, меѓу кои се Турците, Бошњаците, Ромите, Власите, Србите. СДСМ настапува со слоганот „Можеме“ и кај граѓаните ја бара довербата, како што оттаму велат, со цел да се продолжи патот на зачленувањето во ЕУ и да биде успешно членството во НАТО, ветувајќи економски напредок и развој на општеството со почитување на правата на граѓаните.

Демократската унија за интеграција (ДУИ), најголемата албанска партија во земјата, инаку коалиционен партнер во власта, настапува со слоганот „Зошто да не?“ (Pse jo), со кој бара Албанец да биде избран за премиер на Северна Македонија, што би било за првпат во оваа држава. ДУИ смета дека на тој начин ќе донесе подобар живот во земјата.

Од друга страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ која во својата коалиција исто така има партии и личности од помалубројните етнички заедници, настапува со слоганот „Исправи се, Македонијо!“, а со својата програма насловена „Обнова за Македонија“ ветува дека ќе ја врати правдата во земјата, ќе постигне подобри економски резултати и ќе успее да направи силни институции на државата.

Опозициската Алијанса за Албанците формира предизборна коалиција со партијата Алтернатива, која е дел од актуелната власт. Нејзиниот слоган е „Сега е времето“ (Tash eshte koha), при што смета дека е време за промени во политичкото претставување на Албанците и обезбедување подобри услови за живот на граѓаните.

Опозициската Демократска партија на Албанците (ДПА) во изборната кампања настапува со слоганот „Доаѓа лето низ врата“ (Vjen vera ka dera). Оттаму истакнуваат дека имаат детален економски и политички план, односно дека имаат кадар што ќе ги постави Албанците на заслуженото ниво.

- На изборите учествуваат три турски партии -

На овие предвремени парламентарни избори учествуваат три турски партии. Турската демократска партија (ТДП) и Партијата за движење на Турците (ТХП) се дел од коалицијата предводена од СДСМ, а партијата Движење за национално единство на Турците (ДНЕТ) е во коалиција со опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Слоганот на Турската демократска партија (ТДП) е „За нашата иднина“ (Geleceğimiz icin), на Партијата за движење на Турците (ТХП) „Продолжуваме кон целта“ (Hedefe doğru), а Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ) во кампањата настапува со слоганот „Ние сме со Турција, Турција е со нас“ (Biz Türkiyeyleyiz Turkiye Bizimle).

- 15 коалиции и партии -

На овие избори учествуваат од 15 коалиции и партии.

Партиите на гласачкото ливче ги носат следните редни броеви:

1 – Демократска партија на Албанците – ДПА

2 – Политичка партија Демократи

3 – СДСМ и коалицијата „Можеме“

4 – Левица

5 – Алијанса за Албанците и Алтернатива

6 – Глас за Македонија

7 – Граѓанско демократска унија – ГДУ

8 – Интегра

9 – Демократската унија за интеграција – ДУИ

10 – Социјалдемократска унија – СДУ

11 – „Никогаш Северна, само Македонија“ – Единствена Македонија

12 – МОРО работничка партија

13 – Народна партија на Ромите

14 – ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „За Обнова на Македонија“

15 – Твоја партија



Слични вести