Почна тридневното гласање на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија

Денеска, на 13 јули, гласаат болните од Ковид-19 и лицата во самоизолација

1454385
Почна тридневното гласање на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија

Во Република Северна Македонија започна тридневното гласање за предвремените парламентарни избори, јавува Агенција Анадолија (АА).

Гласањето на овие парламентарни избори, поради актуелната пандемија на коронавирусот (Ковид-19), првпат ќе се одвива три дена. Денеска, на 13 јули, гласаат болните од Ковид-19 и лицата во самоизолација. Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), Општинските изборни комисии (ОИК) прифатиле 716 барања од лица позитивни на коронавирусот или во самоизолација за денешно гласање.

До ОИК пристигнале преку 770 вакви барања, а од вкупно 80 општини во 57 ќе гласаат заболени од Ковид-19 и лица во самоизолација.

Ова гласање ќе го спроведуваат посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници и претставници на политичките партии.

Во вторник, на 14 јули, ќе гласаат болните, немоќните, хронично болните, лицата во затворите, во старечките домови и лицата во домашен притвор. Според информациите од ДИК, од пријавени 9.499 болни, немоќни и хронично болни лица во ОИК прифатени се барањата на 8.852 лица, кои согласно упатството на Комисијата поднеле соодветна медицинска документација за да докажат дека имаат потреба од гласање во сопствениот дом. Ова гласање ќе го спроведат избирачките одбори.

На изборниот ден, во среда на 15 јули, ќе се гласа на 3.390 избирачки места во шесте изборни единици во земјата. Според избирачкиот список на ДИК, на предвремените парламентарни избори можат да гласаат 1.814.263 граѓани. Гласањето почнува во 07 часот, а завршува во 21 часот.

На изборите за 120 места во Собранието на Република Северна Македонија ќе учествуваат 15 коалиции и политички партии со 1.560 кандидати.

По воведувањето на политичкиот плурализам, во земјата се одржани пет редовни парламентарни избори и четири предвремени парламентарни избори, и тоа во 2008, 2011, 2014 и 2016 година. Првите парламентарни избори се одржани кога земјата беше во состав на СФР Југославија, а останатите по прогласувањето на независноста во 1991 година.



Слични вести