Убедлива победа на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на Андреј Пленковиќ на изборите во Хрватска

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека се изброени 91 отсто од гласовите и дека според првите нецелосни и неофицијални резултати Хрватска демократска заедница (ХДЗ) освои 68 пратенички места во Парламентот на Хрватска, Саборот

1449661
Убедлива победа на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на Андреј Пленковиќ на изборите во Хрватска

На парламентарните избори во Хрватска коишто се одржаа вчера, победи владејачката централна десничарска партија Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на чело со Андреј Пленковиќ.

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека се изброени 91 отсто од гласовите и дека според првите нецелосни и неофицијални резултати Хрватска демократска заедница (ХДЗ) освои 68 пратенички места во Парламентот на Хрватска, Саборот.

Претседателот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ се обрати на јавноста и на собраните партиски колеги во Археолошкиот музеј откако последните привремени резултати на Државната изборна комисија (ДИК) покажаа дека неговата ХДЗ освои 68 мандати, а со тоа што 76 се потребни за остварување на парламентарно мнозинство.

Во своето обраќање Пленковиќ истакна дека станува збор за како што рече „сјаен резултат и сјајна победа на ХДЗ со партнерите“ и им се заблагодари на сите хрватски граѓани кои излегоа на гласачките места и го дадоа својот глас, без оглед дали гласале за ХДЗ или некоја друга партија.

„Благодарам за денешната сјајна победа. Тоа е она што е демократијата, исказ на волјата на народот за насоката по кој пат да оди Хрватска. Нашата победа нѐ обврзува бидејќи имавме тежок мандат полн со искушенија зад нас, а предизвиците кои се пред нас се и поголеми“ - порача Пленковиќ.

Велејќи дека во текот на наредните 4 години секогаш ќе се чувствува поддршката на народот, претседателот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ порача дека веднаш од утре ќе се започне со работа.

Во меѓувреме, според објавените први нецелосни и неофицијални резултати, по Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на второ место по бројот на освоени гласови и со 43 пратенички места во Саборот е коалицијата „Рестарт“ составена претежно од левичарски партии и тоа Социјалдемократската партија (СДП), Хрватската селска партија (ХСС), Хрватската партија на пензионери (ХСУ), Граѓанско-либералниот сојуз (ГЛАС), Истарската демократска партија (ИДС), Приморско-горанскиот сојуз (ПГС) и Партијата на народен и граѓански активизам (СНАГА). 

Потоа пак, следуваат Татковинското движење на народниот пејач Мирослав Шкоро со освоени 15 пратенички мандати, Мост Независна листа со 8 и коалицијата Можеме со 7 мандати.

На вчерашните парламентарни избори во Хрватска излегоа околу 1,52 милиони гласачи, или 46 отсто од вкупниот број на регистрирани гласачи, што претставува рекордно мала излезеност досега.

Во Хрватска која воедно е најмлада земја членка на Европската унија (ЕУ), на последните одржани парламентарни избори во 2016 година победи коалицијата исто така под водство на владејачката Хрватската демократска заедница (ХДЗ).

 

 

 



Слични вести