Есенскиот бран на Ковид-19 може да биде многу поголем предизвик и од првиот и од вториот бран

Доаѓаат есенските месеци во коишто и времето нема да биде убаво, луѓето ќе бидат повеќе на затворено, а ќе почнат да работат и училиштата

1444111
Есенскиот бран на Ковид-19 може да биде многу поголем предизвик и од првиот и од вториот бран

Есенскиот бран може да биде многу поголем предизвик и од првиот и од вториот бран на коронавирусот (Ковид-19), истакна министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, јавува Агенција Анадолија (АА).

Министерот Филипче ова го истакна на денешната заедничка прес-конференција во Владата на која присуствуваше и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, со кого зборуваа за реализацијата на проектот за електронски рецепти за лекови.

Во однос на актуелната состојба со Ковид-19 во Северна Македонија, министерот Филипче рече дека во изминатите пет-шест дена факторот на пренос е под 1, поради што изрази верување дека така ќе остане и во следниот период, но предупреди дека есенските месеци ќе бидат голем предизвик за здравствениот систем.

„Доаѓаат есенските месеци во коишто и времето нема да биде убаво, луѓето ќе бидат повеќе на затворено, а ќе почнат да работат и училиштата, и тоа се сериозни ризик-фактори заедно со останатиот број пациенти поради друга патологија коишто очекувано би ги пополниле истите капацитети кои се сега пополнети, и тоа може да претставува навистина сериозен предизвик за нашиот здравствен систем, многу поголем предизвик и од првиот и од вториот бран. Не само кај нас, насекаде во регионот гледаме пораст на пациентите“, изјави Филипче.

Во однос на средбите со експертот од Светската здравствена организација (СЗО), Фабио Скано, Филипче информира дека со него имале многу детална дискусија, пред сѐ за искуствата од другите земји во врска со справувањето со состојбите предизвикани од Ковид-19.

„Навистина и самиот тој [Скано] ни укажа дека сите чинители во општеството треба да се вклучат затоа што и граѓаните се еден од најважните сегменти. Утрово имав средба во ИВЗ, планирам да се сретнам и со претставници на МПЦ, со претставници на невладини организации и врз основа на тоа да иницираме состанок на којшто ќе присуствуваат сите претставници и претставници на Владата, за секој во својот делокруг на влијание да може да ја испрати исклучително битната порака до граѓаните, само придржувањето до мерките значи поблизок крај на оваа здравствена криза“, рече Филипче.

Тој истакна дека здравствениот систем е многу поподготвен отколку на почетокот на кризата и додаде дека оваа криза добро се менаџира.

Од друга страна, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на прес-конференцијата информира за реализацијата на проектот за електронски рецепти. Тој рече дека веќе два месеци препишувањето рецепти и издавањето лекови се одвива сосема дигитално, односно без користење на хартија и најважно, без потреба од физичка посета кај матичниот лекар.

Како што додаде тој, со овој систем се исфрлаат од употреба хартиените рецепти, а граѓаните добиваат побрза и поефикасна услуга, матичните лекари се растоваруваат од метежот и се автоматизира работата.



Слични вести