Претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери ги распиша предвремените избори за 15 јули

Претседателот на Собранието Талат Џафери го потпиша Решението за распишување на предвремените парламентарни избори на 15 јули како што се договорија лидерите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и на ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Мицкоски

1437375
Претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери ги распиша предвремените избори за 15 јули

 Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, соопшти дека го потпишал Решението за распишување на предвремените парламентарни избори за 15 јули.

„Со оглед на тоа што наметнатите, неприродни услови со КОВИД-19, го одложија спроведувањето на предвремените парламентарни избори претходно закажани за 12 април 2020, известувам дека имаме нова ситуација. Имено, како што ви е веќе познато, политичките лидери во Република Северна Македонија постигнаа договор за закажување на нов датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Консензуалниот датум на власта и опозицијата е 15 јули 2020“, истакна Џафери во соопштението испратено до медиумите.

Како што наведува Џафери, „овие избори ќе бидат невообичаени по тоа што нема да има вообичаена изборна кампања, меѓутоа, тоа што е поважно и на што ќе мораме сите да се придржуваме на најдисциплиниран начин, се мерките и препораките на Министерството за здравство, со цел да се заштити здравјето и животот на граѓаните“.

„Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година го потпишав синоќа и истото е архивирано и пратено до Државната изборна комисија, до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда, со што се запазуваат роковите за деновите утврдени во Уставот“, информира Џафери.

Поради пандемијата на коронавирусот (Ковид-19) во Северна Македонија се одложија предвремените парламентарни избори првично закажани за 12 април, а лидерите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, вчера соопштија дека 15 јули е договорениот датум за одржување на предвремените парламентарни избори.

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, синоќа соопшти дека донел нова одлука за утврдување постоење на нова вонредна состојба на територијата од целата држава, во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни 2020 година. Како што објави Пендаровски, одлуката за прогласување вонредна состојба е со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести