Избори во Србија: Партиите на Албанците првпат на заедничка листа

За обединување на албанските партии од Прешево, Бујановац и Медвеѓе на листата под „Албанска демократска алтернатива - обединета долина“ се согласија пет од вкупно шест албански партии

1436529
Избори во Србија: Партиите на Албанците првпат на заедничка листа

Партиите на Албанците од јужниот дел на Србија за првпат на парламентарните избори ќе учествуваат обединети, на заедничка изборна листа. Нивните лидери посакуваат три, наместо еден пратенички мандат во моменталниот состав на Парламентот. До тоа, проценуваат, може да ги однесе големата излезност на симпатизерите, со ниска излезност на вкупниот број гласачи.

За обединување на албанските партии од Прешево, Бујановац и Медвеѓе на листата под „Албанска демократска алтернатива - обединета долина“ се согласија пет од вкупно шест албански партии. Гласовите на своите гласачи ќе ги здружат Партијата за демократско делување, Алтернатива за промени, Демократската партија, Движењето за демократски прогрес и Групата граѓани Движење за промени. Надвор од коалицијата остана само Демократската партија на Албанците.

Еден од иницијаторите за нивно здружување е министерот за надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, кој оствари средба со претставниците на овие партии во Тирана, во јануари, а поддршката доаѓа и од косовските политичари.

„Бевме на тој состанок да направиме една заедничка листа и мислам дека тоа е добро за политичките партии на Албанците. Да бевме раздвоени, не би можеле да добиеме повеќе од еден, а сега очекуваме да имаме тројца пратеници во српскиот Парламент“, истакна Агип Арифи, претседател на Демократската партија од Бујановац.

Ова е прв договор меѓу политичките партии на Албанците.

„Секоја политичка партија придонесе прво да се собират потписите, а потоа одлучувавме која ќе биде прва, втора, трета“, рече Арифи.

„Идејата за обединување на партиите постоела и претходно, но секогаш имало многу проблеми“, изјави Арифи за Агенција Анадолија (АА).

„Не можевме да се договориме за битните работи. Секоја партија сакаше да го добие првото или второто место, така што не се гледаа некои критериуми, туку секоја на свој начин се обидуваше да го постави својот интерес. Овој пат, кога беше постигнат договор, ја зедовме предвид ситуацијата на терен и местата на листата ги утврдивме според тоа колку советници има партијата во Бујановац, Прешево и Медвеѓа“, објасни Арифи.

Бидејќи припадниците на албанското национално малцинство, на повик на политичките лидери, масовно го бојкотираа претходниот попис на населението во 2011 година, нивниот точен број во Србија не се знае.

Тој се надева дека што поголем број на 21 јуни ќе го искористат своето право на глас.

„Ако народот излезе на изборите, ќе добиеме најмногу три места во српскиот Парламент. Се надеваме дека тие, пред сè, ќе ги бранат интересите на албанската национална заедница, но исто така, ќе придонесат што побрзо Србија да влезе во Европската Унија“, рече Арифи.

Нивниот приоритет, рече тој, би бил Албанците да добијат онолку права колку што ги има српската заедница во Косово.

„Ние не бараме нешто повеќе, но ни помалку. Има многу работи, но мислам дека што се однесува до образованието, културата, економскиот развој, ситуацијата не е баш таква каква што е со Србите во Косово“, смета Арифи.

Тој не е на листата за пратеници бидејќи учествува на локалните избори што ќе бидат одржани покрај парламентарните и покраинските избори, како кандидат за претседател на Општина Бујановац. Оваа функција во периодот од 2002 до 2016 година, со прекини, ја извршувал цели 10 години, односно два и пол мандати. Очекува дека сега ќе го замени Шаип Камбери, лидерот на Партијата за демократско делување, кој е носител на заедничката листа на „Обединетата долина“.

- На парламентарно ниво - заедништво, а на локално - сопарништво

„Што се однесува до она што се гледа на теренот, нашата партија ќе биде прва во Бујановац. Направивме програма, ќе дадеме приоритет на економскиот развој, ја знаеме состојбата во целата земја, не само во Бујановац. Ми се чини, овие последни четири години... Доста ѝ е на оваа власт која треба за десет дена да отиде дома и да одмора малку. Не успеа да направи ништо во однос на економскиот развој“, рече Арифи.

На локалните избори во Бујановац пет албански партии учествуваат посебно, покрај две српски и две ромски партии. Од друга страна, дека обединувањето на албанските партии на парламентарните избори е добра политичка одлука смета и претседателот на Националниот совет на Албанците, Рагми Мустафа.

„Ова е првпат сите албански политички партии од Прешево, Бујановац и Медвеѓе да излезат на ваков начин на парламентарните избори. Она што е важно е дека со поддршка на Тирана постигнаа заеднички договор и со тоа е дадена поддршка албанското население да излезе на гласање“, истакнува Мустафа.

Тој додаде дека тоа е важно за политичкиот живот во Прешевската Долина, а актуелната политичка ситуација ја нарече „вонредна за Албанците“.

„На прагот сме на одредено финално решение што би требало да произлезе од дијалогот меѓу Косово и Србија, и во тој дијалог би требало да се отворат сите можни теми помеѓу Белград и Приштина, и да се најде решение со кое би биле задоволени сите страни. Неколкупати јавно кажав дека не можеме да имаме добри соседски односи меѓу Приштина и Белград ако во тој однос не биде мостот Прешевската Долина“, рече Мустафа.

Смета и дека „на Балканот не може да се најде мирот додека не се усвојат единствени стандарди на третирање на националните малцинства.

Право на парламентарните избори на 21 јуни да изберат една од 21 изборна листа ќе имаат 6.583.665 гласачи во Србија. Гласањето ќе биде организирано на 8.386 избирачки места, а гласачките ливчиња ќе се печатат на 12 јазици. Листата „Албанска демократска алтернатива - обединета долина“ се наоѓа под реден број 16.



Слични вести