Пендаровски: „Во овој момент нема потреба да прогласам нова вонредна состојба“

„Имајќи ги предвид причините поради кои ги прогласував сите претходни вонредни состојби, сметам дека во овој момент нема потреба да прогласам нова вонредна состојба“, изјави претседателот Пендаровски

1434867
Пендаровски: „Во овој момент нема потреба да прогласам нова вонредна состојба“

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, изјави дека нема потреба да прогласи нова вонредна состојба во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).

На 30 мај претседателот Пендаровски прогласи нова вонредна состојба за 14 дена, со цел спроведување на мерките за управување со кризата со коронавирусот. Земјата е во вонредна состојба од 18 март, а ако не се прогласи нова, оваа вонредна состојба завршува утре.

На прес-конференција претседателот Пендаровски рече дека според информациите од Владата неодамна се обезбедени доволни количества медицинска и заштитна опрема, и дека се преземени економски мерки за заштита на националната економија, што според него говори за тоа дека Владата не доставила формално барање за прогласување нова вонредна состојба. 

„Имајќи ги предвид причините поради кои ги прогласував сите претходни вонредни состојби, сметам дека во овој момент нема потреба да прогласам нова вонредна состојба“, изјави претседателот Пендаровски.

Во врска со споредбите во јавноста во однос на фактот дека во моментов дневните бројки на новооткриени случаи со Ковид-19 во земјата се повисоки од претходно кога беа носени одлуки за вонредна состојба, Пендаровски рече дека таквите споредби се „без основа“ и „ниту една вонредна состојба не беше прогласена од тие причини“.

Според него, за мерките од типот полициски час, карантин и кризна состојба на дел или на цела територија на државата постои законска регулатива и воопшто нема потреба да се воведува вонредна состојба за да се применуваат тие мерки.

Северна Македонија функционира без Собрание и со техничка Влада, чиј мандат беше изгласан за организирање на предвремени парламентарни избори. Собранието се распушти во февруари за да се одржат парламентарни избори на 12 април, но тие беа одложени поради пандемијата Ковид-19.

Иако бројот на заразени лица со Ковид-19 на дневна основа во последниот период надминува 100, владејачките партии, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ), сметаат дека изборите треба да се одржат на 5 јули, додека опозицијата сѐ уште не соопшти став за датум на изборите.

Осврнувајќи се на одржувањето на изборите, Пендаровски истакна дека изборите можат да се одржат дури и кога земјата е во вонредна состојба, но треба Владата во уредбата каде што стои „по завршување на вонредната состојба продолжуваат да течат изборните рокови“ да напише „изборните рокови течат и за време на вонредната состојба“. 

„Изборите и во време на коронавирусот, која нема да замине наскоро, се неопходни за да добиеме функционален наместо распуштен Парламент, и легална и легитимна наместо техничка Влада“, рече Пендаровски.

Тој ги повика владејачките и опозициските партии да се договорат за датумот на изборите и да подготват посебни протоколи за безбедно гласање на граѓаните и безбедни простории за членовите на избирачките одбори за домашните и странските набљудувачи.

„Доколку не успееме да договориме транспарентен и инклузивен изборен процес, тоа ќе значи влез во длабока политичка криза. Ако го погледаме поширокиот регион во кој се наоѓаме и обидите за неговата дестабилизација преку хибридните закани и лажните вести, не можеме да исклучиме дека евентуалната правна и политичка криза нема да прерасне во безбедносна“, изјави Пендаровски.

Здравствените власти објавија дека во Северна Македонија во последните 24 часа се регистрирани 164 нови случаи на Ковид-19, со што вкупниот број на откриени случаи се искачи на 3.701. Бројот на смртни случаи изнесува 171, а бројот на оздравени, 1.694.



Слични вести