Северна Македонија: 111 нови случаи на Ковид-19, досега заразени над 3.000 лица

Вкупниот биланс на починати од вирусот се зголеми на 153

1431229
Северна Македонија: 111 нови случаи на Ковид-19, досега заразени над 3.000 лица

Министерството за здравство на Република Северна Македонија соопшти дека во изминатото деноноќие регистрирани се 111 нови случаи на Ковид-19, со што вкупната бројка на случаи со овој вирус во земјата се искачи на 3.025, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во изминатите 24 часа регистирани се два смртни случаја од Ковид-19, со што вкупниот биланс на починати од вирусот се зголеми на 153.

Според соопштението на Министерството, денеска Институтот за јавно здравје регистрирал 6 оздравени пациенти од Ковид-19. Со ова, бројката на оздравени пациенти изнесува 1.646, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.226.

Од Министерството информираа и дека во последните 24 часа се направени 854 тестирања за Ковид-19, додека од почетокот на епидемијата во земјата се реализирани вкупно 36.325 тестирања за овој вирус.

Поради зголемениот број на новодијагностицирани случаи со Ковид-19, Владата на Северна Македонија согласно препораките на Комисијата за заразни болести на 3 јуни донесе одлука за враќање на полицискиот час. Забраната за движење стапи во сила од 4 јуни од 21:00 часот, и ќе трае до понеделник (8 јуни) до 5:00 часот наутро, во Скопје – сите скопски општини, потоа во општините Куманово, Липково, Штип, Тетово, како и во Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.

Во сите други градови, во петок, сабота и недела полицискиот час почнува од 16:00 часот и ќе трае до следниот ден до 5:00 часот наутро.

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 30 мај, објави дека донел одлука за продолжување на вонредната состојба во траење од 14 дена. Вонредната состојба во земјата беше воведена на 18 март во рамките на борбата против ширењето на коронавирусот.



Слични вести