Северна Македонија подготвена да го отпочне преговарачкиот процес согласно новата методологија

Премиерот Спасовски заедно со вицепремиерот Бујар Османи, и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваа во работата на Самитот на ЕУ - Западен Балкан преку видеоконференција

1430455
Северна Македонија подготвена да го отпочне преговарачкиот процес согласно новата методологија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, на Самитот ЕУ/Западен Балкан истакна дека земјата е подготвена заедно со Европската Комисија и Европскиот Совет да ја закаже првата меѓувладина конференција и да го отпочне преговарачкиот процес согласно новата методологија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Премиерот Спасовски заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска учествуваа во работата на Самитот на ЕУ и Западен Балкан преку видеоконференција, кој оваа година се одржува во организација на Република Хрватска како актуелен претседавач на Европската Унија.

Според соопштението од Кабинетот на Владата, на самитот, лидерите на земјите членки на Европската Унија и лидерите за земјите од Западен Балкан дискутираа за соработката за справување со коронавирусот Ковид-19, за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и за посветеноста на земјите од Западен Балкан кон европските вредности и реформите.

Во своето обраќање на пленарната сесија, премиерот Спасовски истакна дека Загрепскиот самит се случува во вистинско време кога Европа најпосле забележува намалување на ширењето на Ковид-19 и олабавување на рестриктивните мерки.

Спасовски истакнувајќи дека новиот коронавирус предизвика пустош и го соочи светот со несогледливи предизвици, рече дека коронавирусот донел и нешто позитивно, а тоа е дека Европскиот континент има заедничка судбина.

„Благодарни сме за видливо демонстрираната солидарност и помош од страна на ЕУ во форма на итна поддршка за здравствениот сектор, финансиски пакет за соочување со социоекономските последици како и макрофинансиската помош која ќе биде нивно важно надополнување“, истакна премиерот.

Во оваа смисла, како што рече Спасовски, најавениот Економски и Инвестициски План за Западен Балкан од страна на Европската комисија, кој се планира да се објави во текот на есента, ќе биде од голема важност за поддршка на развојот на приватниот сектор, транспортното и енергетското поврзување, дигитализацијата, зелената агенда и социјалните инвестиции во регионот на Западен Балкан.

„Подготвени сме за следните чекори и ќе работиме посветено со Комисијата и ЕУ Советот што поскоро да ја закажеме Првата Меѓувладина конференција која ќе го означи практичниот дел од преговарачкиот процес, согласно новата методологија“, истакна Спасовски.

Во своето обраќање на сесијата, премиерот Спасовски, изрази подготвеност, како лидери на земји од Западен Балкан и како граѓани, за зајакнување на меѓусебната соработка за исполнување на условите за членство во ЕУ.

Инаку, попладневниот самит на земјите од ЕУ и Западен Балкан се одржа во формат на 27 земји членки и шест соседни земји, меѓународни финансиски институции и претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел.



Слични вести