Премиерот на Северна Македонија Оливер Спасовски: Од утре се укинува полицискиот час во земјата

Премиерот на Северна Македонија Оливер Спасовски соопшти дека на денешната владина седница е донесена одлука да се укине полицискиот час во земјата

1423914
Премиерот на Северна Македонија Оливер Спасовски: Од утре се укинува полицискиот час во земјата

Премиерот на Северна Македонија Оливер Спасовски, на прес конференција ги објави новите владини одлуки, според кои од утре ќе биде укинат полицискиот час, а ќе има олеснување и на одредени други рестриктивни мерки за спречување на ширење на новиот коронавирус (Ковид-19).

Премиерот Спасовски рече дека сите одлуки се донесени според анализите и препораките на Комисијата за заразни болести.

„Владата денес донесе одлуки со кои што престанува важењето на повеќе рестриктивни мерки. Од утре, 27 мај, целосно престанува важењето на одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија“, рече Спасовски.

Покрај тоа, тој рече дека од четврток, 28 мај, ќе започнат со работа само угостителските објекти кои имаат отворени простори и тераси според одредени протоколи, додавајќи дека ќе биде разгледано отворањето на објектите кои немаат отворени простори во понатамошните фази.

Спасовски исто така рече дека е одобрен протоколот за влез на македонските државјани, потенцирајќи дека задолжителниот државен карантин се заменува со самоизолација, доколку граѓанинот има негативен тест на Ковид-19 извршен 72 часа пред влез во државата.

Тој исто така рече дека Комисијата за заразни болести е должна да ја процени можноста за отворање на границите, како и да подготви протоколи за работа на хотелите.

Според Спасовски, епидемијата Ковид-19 во Северна Македонија е под контрола, додека бројот на активни случаи е стабилен.

Тој повика на почитување на мерките како што се физичка дистанца и носење заштитна опрема, додавајќи дека „вирусот нема да исчезне преку ноќ“, но ќе биде присутен сè додека не се стекне имунитет или не се открие вакцина.

На прес-конференцијата присутни беа и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџоски.

Министерот Филипче потсети дека денес поминаа три месеци од првиот позитивен случај со Ковид-19 регистриран во Северна Македонија, додека вицепремиерот Османи им се заблагодари на граѓаните кои ги почитуваа досегашните мерки.

Караџовски изрази задоволство од преземените мерки, потенцирајќи дека тие помогнале при навремено дијагностицирање, изолација и лекување на пациентите.

Според последните податоци, во Северна Македонија се регистрирани вкупно 2.014 случаи на Ковид-19. Бројот на излекувани пациенти е 1.453, починаа 116 лица, додека според податоците на министерството, во земјата има 445 активни случаи на коронавирус.

Официјалните лица претходно најавија дека врвот на случаите со Ковид-19 треба да биде меѓу 2.000 и 2.500. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести