Рамазан Бајрам во Северна Македонија, Албанија и Косово

Претседателот на ИВЗ на Северна Македонија реис ул-улема Сулејман Реџепи, скопскиот муфтија Кенан Исмаил, советникот за верски прашања при Амбасадата на Турција во Скопје Мурат Алкан бајрам намаз го клањаа во џамијата „Мустафа Паша“ во Скопје

1422730
Рамазан Бајрам во Северна Македонија, Албанија и Косово

Постот за месецот Рамазан за муслиманите заврши, а денес со почитување на мерките преземени против ширењето на коронавирусот (Ковид-19), во Северна Македонија се клањаше бајрам намаз (бајрамска молитва) по повод големиот празник Рамазан Бајрам, кој се одбележува по месецот на постот.

Поради полицискиот час, муслиманите утринската молитва (сабах намаз) ја клањаа дома, додека бајрам намаз клањаа во џамиите.

Претседателот на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија реис ул-улема Сулејман Реџепи, скопскиот муфтија Кенан Исмаил, советникот за верски прашања при Амбасадата на Турција во Скопје Мурат Алкан бајрам намаз го клањаа во џамијата „Мустафа Паша“ во Скопје.

Бајрамската порака во име на реис ул-улема Сулејман Реџепи, ја прочита скопскиот муфтија Кенан Исмаили на македонски, албански и турски јазик.

Претседателот на ИВЗ на Северна Македониј, Сулејман Реџепи, по бајрамската молитва даде изјава за медиумите каде што на сите верници им го честиташе Рамазан Бајрам.

Истакнувајќи дека е постигната победа во борбата против Ковид-19, Реџепи рече: „Би сакал да се заблагодарам на властите во Северна Македонија што не спречија муслиманите да го слават Рамазан Бајрам.“

По повод Рамазан Бајрам во Северна Македонија, полицискиот час денес ќе започне во 11:00 часот а ќе трае до вторник, 26 мај до 05:00 часот.

- Албанија

Централната молитвена церемонија по повод Рамазан Бајрам во Албанија се одржа во џамијата „Коконоз“ во Тирана, според протоколот за почитување на мерките преземени против ширењето на Ковид-19, а верниците намазот го клањаа и во дворот на џамијата.

Во претходните години, бајрам намаз се клањаше на плоштадите, но годинава, како резултат на мерките против ширењето на новиот коронавирус (Ковид-19), верниците клањаа само во џамијата.

Бајрам намаз се клањаше и во другите џамии во Албанија, бидејќи пред неколку дена беше решено да се продолжат верските обреди во џамиите.

- Косово

Во Косово поради пандемијата на коронавирусот се затворени сите џамии уште од средина на месец март, а денес бајрам намаз не се клањаше ниту во џамиите, ниту на отворен простор.

Претседателот на Исламската заедница на Косово муфтијата Наим Трнава по повод Рамазан Бајрам упати порака од празната џамија „Султан Мехмет Фатих" во Приштина, поради пандемијата на коронавирусот.

Муфтијата потсети дека Рамазан Бајрам е еден од најголемите исламски празници, кој настапува по месец дена пост, што е еден од петте основни темели на исламот. Истака дека тоа е месецот на молитвата, но и месец на почитувањето, љубовта и солидарноста. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести