Политичките партии во Северна Македонија не можеа да постигнат договор за датумот на изборите

Лидерите на политичките партии се состанаа во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски но не можеа да постигнат консензус во однос на датумот на одржување предвремените парламентарни избори во земјата

1420033
Политичките партии во Северна Македонија не можеа да постигнат договор за датумот на изборите

Во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски се одржа лидерска средба на која не е постигнат договор за датум на одржување предвремените парламентарни избори.

На средбата присуствуваат лидерите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците Зиадин Села, на Алтернатива Африм Гаши, на Движење Беса Билал Касами и Азем Садику како претставник на ДПА.

По средбата, лидерите на политичките партии дадоа изјава за медиумите.

Лидерот на СДСМ најави дека е можно изборите да се одржат на 21 јуни, по денешната лидерска средба на која не е постигнат консензус за новиот датум за одржување на парламентарните избори.

Како што рече Заев, тоа се законските рокови, согласно Уредбата на Владата за изборниот процес, која предвидува избори во рок од 22 дена од завршувањето на вонредната состојба.

„Очекувам да се подготват сите и сите процеси на институциите кој што се задолжени да ги завршат своите работи. На македонската демократија и на македонскиот развој му требаат стабилни институции и колку што е можно поскоро рестартирање на македонската економија и враќање на нормалниот колосек на европските интеграции“, нагласи Зоран Заев.

Според него избори мора да се одржат во јуни бидејќи никој не гарантира дека во септември нема да има втор бран на вирусот, а сега епидемијата е под контрола и има услови за одржување.

По денешната лидерска средба, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предложил три можни термини за одржување избори, сите на крајот на летото.

Истакнувајќи дека предлагаат датуми што не мора да бидат фиксни, туку треба да се одредат во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата со коронавирусот, Мицковски рече дека како можни датуми ги предлага 23, 30 август или 13 септември.

„Имајќи ги предвид консултациите што ВМРО ДПМНЕ во меѓувреме ги имаше со експерти од земјава и странство, предложивме три термина кога цениме дека здравјето на граѓаните ќе биде најмалку доведено во опасност“, истакна Мицковски. 

Лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека изборите се битни, но прво треба да се има консензус за датумот и пред сѐ, да се имаат предвид мерките од здравствените институции.

Алијансата за Албанците и Алтернатива на денешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски предложиле предвремените парламентарни избори да се одржат на 26 јули.

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши по средбата истакна дека ставовите на македонските партии биле далечни и дека владејачката партија била за избори во јуни, а опозициската за почетокот на септември и на средбата воопшто немало доближување меѓу нивните ставови.

Од друга страна, претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села посочи дека Комисијата за заразни болести истакнала дека ситуацијата со пандемијата се подобрува, но оти постои висока опасност за здравјето на граѓаните.

Пред една недела, лидерите на политичките партии исто така не се договорија за датум за датум на избори и затоа ја закажаа денешната лидерска средба. 

Да потсетиме, во октомври минатата година предвремените парламентарни избори беа закажани за 12 април, но беа одложени со уредба на Владата поради прогласувањето вонредна состојба и ризикот од ширење на коронавирусот. (Агенција Анадолија-АА)



Слични вести