Владата на Северна Македонија донесе трет пакет економски мерки во вредност од 355 милиони евра

Премиерот Спасовски одржа прес-конференција на која го соопшти третиот сет економски мерки за закрепнување на домашната економија, донесени на денешната седница на Владата

1418973
Владата на Северна Македонија донесе трет пакет економски мерки во вредност од 355 милиони евра

Во рамките на третиот сет мерки за закрепнување на домашната економија, околу 100 илјади граѓани кои немаат месечни приходи над 15.000 денари ќе можат да добијат платежна картичка со 9.000 денари, истакна премиерот на Северна Македонија, Оливер Спасовски, јавува Агенција Анадолија (АА).

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, одржа прес-конференција на која го соопшти третиот сет економски мерки за закрепнување на домашната економија, донесени на денешната седница на Владата.

Како што соопшти Спасовски, третиот сет економски мерки се однесуваат на директна поддршка за зголемување на потрошувачката, директна поддршка на стопанството, за земјоделието и награда за лекарите и медицинскиот персонал на инфективните клиники.

Наведувајќи дека вредноста на мерките од третиот пакет изнесува 355 милиони евра, премиерот Спасовски рече дека преку нив ќе бидат опфатени 730 илјади корисници.

„Околу 100 илјади граѓани на нашата земја ќе добијат платежна картичка вредна 9 илјади денари за македонски производи и услуги. Оваа мерка е достапна за сите невработени лица, баратели на работа кои немаат над 15 илјади месечни приходи, како и приматели на гарантирана минимална помош“, нагласи Спасовски, додавајќи дека картичката ќе може да се користи за домашни производи во рок од 30 дена.

Исто така, како што наведе премиерот, околу 100 илјади граѓани ќе добијат ваучер за домашен туризам во вредност од 6 илјади денари и домашна платежна картичка од 3 илјади денари.

Спасовски истакна дека граѓаните преку оваа мерка ќе можат да се одморат и да летуваат дома во домашните хотели, а со тоа ќе се зајакне и домашниот туризам. Со оваа мерка се опфатени сите вработени граѓани што примаат нето-плата помала од 15 илјади денари.

Во рамките на економските мерки, младите ќе добијат парична поддршка од 6 илјади денари и платежна картичка од 3 илјади денари и ваучери за кофинансирање на обуки за информатичка технологија.

Истакнувајќи дека ќе се воведува викенд без данок на додадена вредност (ДДВ) за сите граѓани, премиерот Спасовски рече: „Преку поевтини цени за граѓаните поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори, како што се продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги.“

Премиерот најави и паричен надоместок за сите што останале без работа во периодот од 11 март до 30 април. Надоместокот ќе може да го добијат сите што го прекинале работниот однос преку дадена изјава, спогодбено или што добиле отказ.

Поради посветеноста во борбата против Ковид-19 и како знак за благодарност, во името на народот на Северна Македонија здравствените работници ќе добијат 20 проценти повисока плата за два месеца.

На новинарско прашање, дали за празникот Бајрам ќе има 24-часовен полициски час, премиерот Спасовски рече дека за тоа ќе се разговара на Научниот комитет за коронавирус.



Слични вести